X
 25.08.2023 Наша тема

Леонид Тодороски и Матеј Митевски освоија највисок број поени на државната матура по македонски јазик: „Секој Македонец треба добро да го познава мајчиниот јазик“

Прашањата беа релативно лесни со тоа што беше опфатено сѐ што сме учеле во сите четири години. Земајќи предвид дека вложив доста време во подготвувањето за матурата, очекував добри резултати. Предметот ми е од голема важност бидејќи секој Македонец треба добро да го познава својот мајчин јазик, вели Матеј Митевски

Леонид Тодороски од средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје и Матеј Митевски од гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово освоија највисок број поени на државната матура по македонски јазик, информира Државниот испитен центар (ДИЦ). Велат дека со многу учење успеале да постигнат супер резултат.

- Искрено, јазик уште кога почнав четврта година, почнав да одам на приватни часови по англиски јазик, а од февруари почнав да се подготвувам по предметот македонски јазик и литература. Иако слушав како моите соученици не ги сфаќаа сериозно испитите, јас навистина учев, па дури и кога ја споделив со нив оваа информација, сметаа дека сум „луд“ – вели Леонид.

За матурата реално вложив многу труд


Како што нѐ информира тој, тестот по македонски опфатил прашања од граматиката, писменоста и литературата.

- Македонски јазик и литература како предмет е најважен за да се зачува националниот идентитет на нашата држава и треба да биде најважен за секој ученик и интелектуалец.
Во матурата реално вложив многу труд и амбиција бидејќи мојата крајна цел во животот е да станам успешен доктор по општа медицина. „Труд ми е името“ беше моето мото за мојата успешна матура - споделува Леонид.



Тој смета дека треба да смени концептот на матурата за стручните училишта и повеќе да се нагласат стручните предмети. А можеби би било подобро да се воведе и приемен испит на факултетите.
- Според мене, фактот што матурата нема да ни помогне во запишувањето на факултет претставува голем хендикеп на МОН, се надевам дека во иднина ќе имаат слух за вакви ученици за да имаат приоритет да се запишат на факултет според нивниот квалитет - дополнува тој.

Секој ден по еден до два часа учење


Изборот на Леонид за факултет е без дилема Факултетот за медицински науки.

- Медицината е мојата прва љубов, мојата цел, мојата визија, мојата мисија и мојот животен сон. Се одлучив да се запишам на УГД Штип. општа медицина. Јас не сум докторско дете, за жал, моето мислење е дека на УКИМ би бил деградиран поради тоа, такво искуство имав и во средното училиште, па не би сакал да ми се повтори историјата. Не е битно кои ти се родители, туку е битно да се вреднуваат знаењето и трудот. Така што мислам дека мојот избор е правилен. Моите амбиции можеби се преголеми, но сакам прво да станам доктор, а потоа да придонесам многу во областа на медицината, а во интерес на човештвото – истакнува Леонид.

Матеј Митевски вели дека се подготвувал за испитите по државна матура секој ден по еден до два часа со решавање на прирачникот кој го имале за подготовка.



- Прашањата беа релативно лесни, со тоа што беше опфатено сѐ што сме учеле од сите четири години. Земајќи предвид дека вложив доста време во подготвувањето за матурата, очекував добри резултати. Предметот ми е од голема важност бидејќи секој Македонец треба добро да го познава својот мајчин јазик. Околу моментот што резултатите од матура не ни помагаат за уписот на факултетот што го сакаме, мислам дека сите имаме идентичен став за тоа дека немаме никакви придобивки од постигнати најдобри резултати во државата, но тоа мене воопшто не ме спречува да продолжам да ги гонам најдобрите резултати каде што можам - вели Матеј.

Информатички технологии се негово поле на интерес, па затоа вели дека се одлучил за Американ колеџ во Скопје, каде што се надева дека ќе го повтори својот успех.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема