Во македонскиот јазик веќе неколку години активно и зачестено е присутна употребата на интернационализмите (србизми, турцизми, романизми, англизми...). Најприсутни во секојдневната комуникација се англизмите. Ги употребуваме сите, но, најмногу учениците и помладиот свет.
На што се должи прекумерната употреба на англизмите?
Сметам дека современата, електронска комуникација, интернетот, си го прави своето, понатаму, нечитањето домашна белетристика, недоволното познавање на својот мајчин јазик, гледањето филмови и сл. со странски превод... и кога сето тоа ќе се сумира, јасно е зошто во секојдневната комуникација доминираат: поштовање, респект, ин, кулирање, шерување, тагнување, ок, ... и уште многу, многу други зборови и изрази. Свесната употреба на овие зборови и изрази не дозволува да ги замениме со наши соодветни зборови. Но, тоа е сепак до личната свест на секој од нас. Да размислиме, дали е во ред толку зачестено да користиме: гууд наместо добар, добро... На пример, на час по македонски јазик и литература, или кога работиме писмена работа, не смеат да се користат зборови од туѓо потекло затоа што на тој начин ние не покажуваме никакво почитување, а најмалку негување на македонскиот јазик. И воопшто, наставата во македонското образование не смее да дозволи и да применува интернационализми, иако се многу чести во употреба (освен, по предметот англиски јазик, каде што е нормално да се зборува на тој јазик). На тој начин, правописот отстапува од своите правила. Тоа важи во секоја друга администрација, особено на јавен настап, пред македонска телевизија и сл. Да не дозволуваме да надвладее туѓата лексика затоа што имаме своја, соодветна лексика на нашиот убав, стандарден, литературен јазик. Доколку се ограничиме во употребата (акцентирам, на англизмите), ние многу повеќе и подобро ќе покажеме култура кон нашиот јазик.
Замислете колку е непријатно да покажувате почит кон другиот јазик, а сопствениот јазик да го занемарите. Тоа е недозволиво. Така ја уништуваме јазичната норма на стандарден (кодифициран) јазик. Оттука, логично е да се јавува проблем во неписменоста кај учениците и кај генерациите кои завршуваат образование. Тој проблем е траен доколку навреме не се поправи. А за да се поправи, на тоа се работи уште од најмала возраст, кога се стекнува писмена основа на училиште. Да запомнеме: има пригоди и околности кои дозволуваат целосна употреба на интернационализмите, и тука ништо не е зачудувачко, меѓутоа, на македонска територија се знае дека треба да бидат најприсутни македонизмите. Да не се разбереме погрешно, ние не можеме да ги искорениме туѓите зборови кои навлегле и навлегуваат во нашиот јазик, но укажуваме на нивно контролирано и соодветно користење. Затоа, да не покажуваме одбивност, ами љубов, задоволство и правилна употреба на македонскиот јазик и на македонизмите. За секој странски збор, во нашиот јазик постои соодветен превод, замена. Наше е да се трудиме и да настојуваме што позачестено да користиме наша, македонска лексика, како во разговорна така и во пишувана форма. На тој начин нашиот јазик станува побогат и подоминантен, кај нас, па и прекугранично!
„Јазикот е единствената наша татковина“ – Блаже Конески
Блаже Конески, основоположник и кодификатор на современиот македонски јазик, има напишано: „Јазикот е единствената наша татковина“; „Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште“; Ќе дополнам уште две други мисли: „Судбината на јазикот е судбина на народот.“ (Гане Тодоровски) и „Без јазик, си никој и ништо.“ (Видое Подгорец). Безвремени мисли и пораки кои никогаш не бледнеат. Оживуваат во секое време и на секое место.
Имаме длабоко вкоренето, македонско книжевно наследство (како на историски така и на поетски и прозен план), за кое посебна и заслужна улога има Конески, или вториот Мисирков, како и сите лингвисти и книжевници кои придонеле и придонесуваат за зачувување и ширење на кирилското писмо и македонскиот збор. Одговорност и обврска на сите нас е да водиме грижа и да знаеме да го чуваме и соодветно применуваме нашиот македонски јазик, односно да не дозволуваме влијание на странска лексика во секојдневието. Да го чуваме заветот од предците! Што би советувал како најдобра варијанта во негувањето на македонизмот?
Би советувал: читајте домашни автори и нивни дела, гледајте филмови, претстави, документарни емисии од нашата почва, користете кирилско писмо, не „шерувајте“, туку споделувајте македонски текстови и пејзажи (ги има во недоброј), богатете го речникот на македонскиот јазик со правилни македонски изрази и зборови и најважно – зборувајте на македонски литературен јазик! На овој начин придонесуваме во ширење на македонската јазична култура, а со тоа сме директни сведоци на постоењето на македонскиот јазик како на фонетско така и на морфолошко, синтаксичко, лексиколошко, лексикографско, дијалектолошко, па дури и на стилистичко рамниште. Да говориме на македонски јазик и да користиме македонизми! Да бидеме благодарни и да имаме чест што нашиот јазик надалеку се изучува и користи и што постои интерес за изучување во прекуокеанските земји. Англизмите имаат свое говорно подрачје! Затоа, да придаваме многу поголемо значење на македонизмите! Колку убаво звучи кога се разбираме на свој јазик! За да знаеме странски јазици, најпрвин треба да тргнеме од својот, мајчин јазик!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик