X
 06.12.2024 Наука

Кафето може да го ограничи ризикот од зависност од алкохол?

Дали кафето може да помогне во спротивставување на некои од ефектите на алкохолот врз мозокот и потенцијално да го ограничи ризикот од зависност? Тоа е она што го посочува новата студија, во која се истражува како кофеинот стапува во интеракција со производството на допамин - невротрансмитерот кој е поврзан со системот за наградување во мозокот, мотивацијата и задоволството.

Во најновото истражување научници од Италија и САД подетално погледнале што се случува во оваа интеракција.

Имено, во експерименти спроведени на стаорци истражувачите откриле дека кофеинот има значително влијание врз мезолимбичниот допамински пат, важен дел од системот за наградување на мозокот, преку кој се ослободува допаминот. Истражувачите анализирале како алкохолот и кофеинот влијаат врз мозокот на машките стаорци. Истата патека е поврзана со некои од механизмите за зајакнување на мозокот, кои ги поттикнуваат оние што се веќе зависни од алкохол постојано да се враќаат за повеќе - што значи дека е можно да се развијат третмани кои ги кршат овие штетни обрасци во однесувањето.

- Потрошувачката на алкохол и кофеин влијае врз животите на милијарди луѓе низ светот. Иако неодамнешните докази покажуваат дека кофеинот ги нарушува зајакнувачките својства на алкохолот, недостигаше карактеризација на неговите ефекти врз мезолимбичната допаминска функција, стимулирана токму од алкохолот - се вели во научниот труд.

Истражувачите откриле дека кофеинот ја блокира конверзијата на алкохолот во салсолинол, хемикалија која предизвикува ослободување на допамин. Тоа би го направило пиењето помалку пријатно, а и ќе ја намали желбата да продолжите да го правите тоа. Исто така, се чини дека директно се меша со тоа како мозокот реагира и на салсолинол и на морфин.

Морфинот, се разбира, предизвикува и зависност, а истражувачите мислат дека тоа го прави кофеинот ветувачка опција за превенција од зависности, воопшто. И салсолинолот и морфинот го притискаат мозочниот прекинувач познат како „μ рецептор“, кој може да биде засегнат.

- Охрабрувачки е што еден од ретките лекови одобрени од ФДА за нарушувањето од употребата на алкохол, антагонистот на „μ“ рецепторот - налтрексон, исто така ги спречува зајакнувачките ефекти на алкохолот со тоа што го попречува неговото поттикнување на мезолимбичниот пренос на допамин - истакнал еден од водечките автори на студијата, невронаучникот Рикардо Мачиони.

Тоа што кофеинот дејствува слично како и постојниот лек го поткрепува мислењето дека сега постои уште еден потенцијален третман за лекување на зависноста од алкохол.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука