Наједноставниот начин да го сочувате здравјето на срцето е оброците да ги приготвувате дома. Тогаш сами контролирате кои намирници ги користите и, што е многу важно, колку сол внесувате. Меѓутоа, тоа не е секогаш можно.
Патувањата, работата или недостигот на време често нѐ тераат да јадеме во ресторани за брза храна. Токму тогаш лицата што имаат висок крвен притисок треба да бидат многу претпазливи бидејќи количината на натриум во готовите јадења е речиси невозможно да се процени.
Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, оброците од рестораните за брза храна содржат во просек 1.848 милиграми натриум на 1.000 калории, додека рестораните со класична услуга имаат уште поголем просек, дури 2.090 милиграми на 1.000 калории.
Веб-страницата „Парејд“ разговараше со кардиолози кои објаснија што треба да избегнуваат лицата со хипертензија кога нарачуваат храна во ресторани за брза храна.
Лековите не се замена за здрава исхрана
Многумина што земаат терапија за намалување на крвниот притисок веруваат дека поради тоа, повеќе не мора да внимаваат на исхраната. Кардиологот д-р Вестон Хики од Центарот за срце и крвни садови „Хјустон методис дебакеј“ вели дека тоа е голема заблуда.
- Лековите го контролираат крвниот притисок, но не го лекуваат трајно. Тие не се дозвола за занемарување на исхраната - објаснува тој и додава дека терапијата дејствува само додека се зема.
Д-р Хики ја споредува ситуацијата со клима-уред.
- Да земате лекови, а притоа да јадете многу солена и преработена храна, е исто како да ја вклучите климата среде лето, но да ги оставите ширум отворени прозорците и вратите. Лекот се обидува да го намали притисокот, додека лошата исхрана истовремено го зголемува - вели тој.
Слично мислење има и кардиологот Алекс Гифтопулос од Универзитетскиот медицински центар во Мериленд.
Тој истакнува дека правилната исхрана не помага само во контролата на крвниот притисок, туку го намалува и ризикот од дебелина и зголемен холестерол, што лековите за хипертензија не го решаваат.
Најлошиот избор во рестораните за брза храна
И двајцата експерти предупредуваат дека најголемиот проблем претставува натриумот, кој често е „скриен“ во намирниците.
- Солта дејствува како сунѓер. Каде што има натриум, таму се задржува и водата. Поголема количина течност во крвните садови значи и поголем притисок врз нивните ѕидови - објаснува д-р Хики.
Освен помфритот, кој повеќето го сметаат за главен виновник, многу сол се крие и во лепчето за бургери, сирењето, киселите краставички, зачините со кои се обработува месото и во пржената храна.
Експертите препорачуваат да се избегнуваат и газираните сокови, бургери и друга храна богата со заситени масти, рафинирани јаглехидрати и шеќер.
Што е најдобар избор?
Кардиолозите издвојуваат неколку опции кои можат да бидат значително поздрави.
Салата
Повеќето синџири за брза храна денес нудат салати. Свежиот зеленчук позитивно влијае врз крвниот притисок, а ако постои можност, во салатата треба да се додаде пилешко на скара, грав, авокадо, јаткасти плодови или семки.
Посебно се препорачува гравот бидејќи е богат со калиум, кој му помага на организмот да неутрализира дел од негативниот ефект на натриумот.
Единствената забелешка се однесува на преливите.
Кардиолозите советуваат да не ги истурате преку целата салата, туку да ги земете одделно и да додадете само мала количина бидејќи често содржат многу сол и шеќер.
Бурито
Буритото со грав може да биде добар избор. Гравот обезбедува протеини и влакна, но треба да се обрне внимание на содржината на натриум.
Најздравата комбинација вклучува грав, зеленчук, пилешко на скара и свежа салса, додека пожелно е да се избегнуваат павлаката и сирењето.
Пилешки медалјони на скара
За љубителите на пилешко, најдобар избор се парчињата пилешко подготвени на скара. Пржењето ја зголемува количината на нездрави масти, додека похованото дополнително содржи големи количини сол.
Треба да се обрне внимание и на сосовите бидејќи често содржат многу натриум.
Сендвич со пилешко на скара
Ако ресторанот ја нуди оваа опција, докторите препорачуваат да додадете зелена салата и домати.
Пилешкото на скара содржи помалку калории и помалку масти, што го олеснува одржувањето на здравата телесна тежина, а со тоа и на нормалниот крвен притисок.
Појадок со јајца и зеленчук
Кардиолозите издвојуваат оброци кои содржат јајца и зеленчук, како спанаќ, печурки или пиперки.
Таквите оброци обезбедуваат доволно протеини и подолго го одржуваат чувството на ситост, а притоа се значително подобар избор од крофни, печива или сендвичи со преработено месо.
Пет правила што треба да се почитуваат
Д-р Хики вели дека е доволно да се запаметат пет едноставни правила кои важат во речиси секој ресторан:
- Избирајте храна на скара наместо пржена храна;
- Барајте сосовите и преливите да бидат сервирани одделно;
- Наместо газирани пијалаци, пијте вода;
- Во оброкот додајте што е можно повеќе зеленчук или грав;
- Избегнувајте сирење и месни преработки.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific