Деновиве излезе од печат Прирачникот за државна матура по македонски јазик, прв од ваков тип во нашата држава. Прирачникот е во издание на издавачката куќа „Просветно дело“, а автор е реномираниот професор Симон Саздов.
- Иако овој прирачник им е наменет, пред сè, на средношколците во завршната година на средното образование, материјалот што тој го содржи има поширока примена. Тој може да му биде корисен на секој ученик, на секој наставник што предава македонски јазик, на дипломираните студенти што се подготвуваат за полагање лекторски испит, како и на лекторите по македонски јазик. Секако, тој може да биде интересен за секој љубопитен читател - изјавува професорот Саздов.
Од издавачката куќа, пак, велат:
- Иако традиционално македонскиот јазик и литературата се изучуваат во рамките на еден наставен предмет, барем во основното и во средното образование, но и на некои универзитети, тоа се две подрачја кои претставуваат различна специјалност, односно претпоставуваат различна специјализираност. Во тој факт можеби и лежи особено големата потреба за прирачници од ваков вид токму за областа македонски јазик и литература. Имено, професорите што го предаваат овој предмет се специјалисти или за граматика на македонскиот јазик или за литература. Дури и во постојните прирачници наменети за подготвување на средношколците за поуспешно полагање на државната матура може да се забележи голема несразмерност на страниците посветени на двете подрачја. Затоа, овој прирачник содржи материјал исклучиво од подрачјето македонски јазик. Имено, намерата на авторот е да ја намали таа несразмерност на тој начин што ќе се обиде да покаже дека граматиката не мора да биде нешто што по правило се доживува како неинтересно, сувопарно, тешко. За таа цел ќе понуди објаснувања и предлози кои, се надева, ќе им бидат корисни и на учениците и на наставниците.
Самиот прирачник е главно замислен како практично помагало за учениците. Она што овој прирачник има амбиција да го направи е да ја парафразира познатата поговорка– да ги научи учениците да ловат риба, а не да им сервира риба за еден оброк, колку и второво да го задоволува апетитот на најголемиот број ученици. Колку успешно ќе го направи тоа, останува да чуеме од неговите идни корисници.
(Комерцијална објава)