X
 09.03.2017 Култура

Иронија која трае повеќе од еден век: како еден прирачиник од Првата светска војна влијаеше врз европскиот фудбал

Пред повеќе од сто години, во логорот за воени заробеници, Рухлебен, во периферијата на Берлин, напишан е првиот прирачник за фудбалски тренери, односно водич за фудбалска тактика.

На почетокот на Првата светска војна, во логорот биле заробени околу 5.000 Британци кои се затекнале на германска територија, од сите општествени сфери - аристократи, научници, музичари, работници, но и фудбалери... како Фред Пентланд кој непосредно пред војната го презел тренирањето на германската олимписка фудбалска репрезентација, потоа Стивен Блумер, култниот англиски центарфор, Семјуел Волстенхолм и Фред Спајксли. Сите четворица биле поранешни англиски репрезентативци.

Во логорот се развил изразито жив социјален живот. Се одржувале предавања за наука и уметност, се организирале претстави и концерти, а до 1915 фудбалот во Рухлебен достигнал ниво на кое постоел фудбалски сојуз и доволно клубови да се организира комлетна лига и куп натпревари. Поголемиот број натпревари привлекувале и до 1.000 навивачи.

Така и настанал прирачникот Handbook of the Ruhleben Football Association, книшка со преглед на сезоната, биографии на играчите, интервјуа со нив и дискусија околу фудбалската тактика, воопшто. Со оглед на богатиот и мултидисциплинарен карактер на Рухлебен, прирачникот бил напишан на доста високо интелектуално и теоретско ниво, што било многу необично за тоа време. Во Англија, која се смета за колевка на оваа игра во Европа, за такво нешто никогаш не се пишувало.

По завршувањето на војната, окуражени со искуство и со прирачникот во рака, фудбалерите се вратиле на Островот, со намера своите знаења да ги понудат во „вистинскиот“ фудбал во Англија – но, биле комплетно игнорирани.

Никој во Англија тогаш не сакал да вработи професионален тренер. Иако од денешна перспектива звучи неверојатно, англичаните сметале дека фудбалските професионалци во техничка и тактичка смисла, немаат што повеќе да научат. Улогата на тренерот била да ја одржува физичката кондиција на играчите, а повеќето клубови не одржувале тренинзи со топка преку неделата, сметајќи дека така фудбалерите ќе бидат „погладни“ за постигнување голови на неделните натпревари.

Фудбалерите од Рухлебен, кои сметале дека вештините со топка треба да се надградуваат и усовршуваат, заминале од Англија во други земји, како Шпанија, Италија, Германија... Пентланд заминал да работи во клубот Атлетик Билбао, каде постигнал вонреден успех. И денес пред нивниот стадион стои неговиот споменик, како потсетник на еден од највлијателните тренери во историјата на шпанскиот фудбал.

Практично, ниту еден од овие успешни тренери, не дочекал повик од својата татковина. Нивните постигнувања и успеси не биле вреднувани во Англија, најверојатно заради тоа што сметале дека како пронаоѓачи на фудбалот, природно е да се супериорни во однос на останатите европски земји, без оглед колку и како тренираат странците. За да биде иронијата поголема, токму Пентланд го разрушил овој мит, кога како шпански селектор, ѝ го нанел првиот пораз на англиската репрезентација: натпреварот во Мадрид завршил со резултат 4:3 во корист на Шпанците.

Речиси еден век по настанувањето на прирачникот од Рухлебен, во Англија веќе неколку години течела јавна дискусија околу квалитетот на англискиот фудбал во споредба со шпанскиот и германскиот, и перспективите за развој на истиот.

Податоците кои биле констатирани, биле вчудовидувачки. На ниво „А“ според УЕФА, во Англија имло 1.161 тренери, за разлика од Германија со 5.500 и Шпанија со 12.720, додека на ниво Pro licence, Англија имала  203 тренери, Германија над 1.000, а Шпанија - 2.140.

Ова предизвикало и формирање на Национален фудбалски центар „St.George´s Park“, од каде во последните четири години излегле 1.300 едуцирани професионални тренери. Тие во моментов работат на развој на фудбалот на техничко и тактичко ниво во клубови од најниско до највисоко професионално ниво, со задача да го вратат приматот во земјата која ги постави темелите на „најважната споредна работа на светот“.

Иронично, сто години од Рухлебен до денес, заради суета, неподготвеност за промени и усовршување, учителите станаа ученици, со оглед што едукацијата и принципите за усовршување на фудбалот, денес Англичаните ги преземаат од Шпанците и Германците, конечно признавајќи дека имаат што да научат од оние кои своевремено биле подучувани од англиски стручњаци кои дома биле игнорирани, па заминале надвор  и го научиле светот да биде подобар од Англичаните во нивната сопствена игра.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура