Неопходно е побрзо да се донесат измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник се смета за напад врз службено лице, изјави проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, по повод одбележување на Светскиот ден на здравјето
Неопходно е побрзо донесување на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник се смета за напад врз службено лице, што значително ќе придонесе за создавање побезбедни услови на работното место. Здравствениот систем не може да биде стабилен и одржлив доколку во него не ги задржиме младите лекари, а за да се постигне тоа, неопходно е да бидат мотивирани со подобрување на условите за вработување и работење, како и унапредување на знаењата и создавање на можности за развивање на научната дејност, изјави претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, по повод одбележување на Светскиот ден на здравјето, 7 Април.
Денот се одбележува под мотото „Наша планета, наше здравје“ и во време на здравствената криза предизвикана од ковид-19, која откри многу слабости во општествениот систем.
За потребата од зајакнување на здравствениот систем, проф. д-р Гривчева Старделова нагласи дека е неопходно час поскоро да влезат во собраниска процедура и да бидат побрзо изгласани измените на Законот за здравствена заштита. Таа потенцира дека системите што произведуваат високо преработена, нездрава храна и пијалаци предизвикуваат бран на дебелина, зголемувајќи го бројот на заболени од рак и од срцеви заболувања.