Просветни работници велат дека некои родители ги сликале тестовите и ги ставале на социјалните мрежи или им ги давале на други наставници да ги проверат, а дел од родителите мислат дека ќе бидат погрешно сфатени ако отидат во училиште на увид
„Не знаеше како побрзо да ја напушти канцеларијата“, вака еден просветен работник се изразил пред колегите за средба со родител кој побарал увид на направениот тест на кој неговото дете добило слаба оценка, а по сите други предмети имало солиден успех. Со ова наставникот сакал да каже дека го оставил без зборови родителот соопштувајќи му факти за ученикот, а родителот сметал дека наставникот се навредил.
Начинот на увид од страна на родителот врз тестовите, писмените работи, есеите на учениците кои веќе ги оценил наставникот или професорот отсекогаш е актуелна педагошка тема. Во последно време сѐ почеста практика е да не се дава тестовите да се однесат дома, туку доколку родителот сака да ги види, да закаже средба со предметниот наставник. Порано тестовите им се даваа на учениците да ги носат дома и родителите ги потпишуваа.