X
 07.05.2017 Живот

Колку вистински сте богати?

Децениските психолошки истражувања веќе ја демантираа идејата дека парите можат да купат долготрајна среќа, со тоа што една студија дури покажува дека добитниците на лотарија не се позадоволни во животот после добивката. Во февруари, „Њујорк тајмс“ пишуваше за зголемениот тренд на психолошки терапии кај милијардерите кои водат лични борби.

„Со збогатувањето и почетната среќа, луѓето достигаат една фаза кога постојаниот и зголемувачки прилив веќе не ги задоволува“, објаснува Јоланда Јетен, професорка по социјална психологија на универзитетот Квинсленд во Австралија и коавторка на книгата „The Wealth Paradox“.

Таа додава дека мнозинството богати луѓе не можат да сe извлечат од здодевноста, дури и ако се свесни дека нивната среќа или квалитетот на животот им станале монотони, бидејќи тие премногу се идентификуваат со своето богатство.

Според неа, ова се должи на тоа што богатите, како и тие помалку „имотните“, постојано се споредуваат, мерејќи ги своите плати, домови, инвестиции или имоти со побогатите од нив пријатели, колеги и сл., наместо со другиот дел од популацијата.

„Колку повеќе заработуваш, толку повеќе имаш потреба од заработка – тоа е еден вид зависност“, вели Јетен.

Истражувањето на Јетен кажува дека луѓето кои живеат во сиромаштија веќе се навикнати да наоѓаат начини како да си предизвикаат животно задоволство и благосостојба, што ги надминуваат парите и материјалната сопственост. Тие повеќе време поминуваат со своите семејства и доброволно се вклучуваат во активностите на заедницата.

„Кај нациите во развој, каде што многу помал паричен изност прави голема разлика во начинот на живот на човекот, помагајќи му накратко да задоволи други потреби освен основните, постои помала грижа и страв од материјална загуба“, потенцира професорката.

Друга професорка, Керол Грејам, која предава на школата за јавни политики на Универзитетот во Мериленд, го објаснува овој парадокс како „проблемот на среќниот селанец и очајниот милионер“.

„Побогатите земји, во просек се посреќни од посиромашните, но над тоа, приказната станува посложена“, напиша таа во една студија во 2010 година, заснована на истражување кое кажува дека луѓето во Авганистан се исто толку среќни колку жителите во Латинска Америка. 

„Слободата и демократијата ги прават луѓето среќни, но овие благодети имаат помала важност кога се поретка појава. Луѓето можат да се приспособат на неверојатни неволји и да ја задржат својата природна веселост, а можат и да имаат речиси сѐ...па сепак да бидат очајни.“

Се разбира дека сето ова не значи дека е подобро да се живее на прагот на сиромаштијата, туку истражувањето на професорката Грејам сака да каже дека богатите луѓе би требало да можат полесно да се приспособат на негативните промени во нивните примања, отколку што можат да си замислат. И според тврдењата на професорката Јетен, богатите луѓе „кои мораат да имаат идеалистички начин на живот“, би можеле многу да научат од „здружувањето и поврзувањето со другите“ што им е заедничко на посиромашните групи и општества.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот