Често се случува детето да ги замоли родителите да не оди на училиште зашто не е доволно подготвено за одреден тест или, пак, да се пожали дека не се чувствува добро. Родителите во најголемиот број случаи му дозволуваат да остане дома. Изостаноците се редат, а родителите ги оправдуваат. Но, доколку ваквото однесување е многу често, тогаш сигурно нешто не е во ред.
Сте чуле ли за училишна фобија? Се работи за отпор на детето кон одењето во училиште поради интензивен страв. Детето навидум сака да оди на училиште, но пројавува низа телесни манифестации, најчесто главоболка и болка во стомакот, кои се проблеми што родителите често ги сметаат за телесни, а не за психички.
Фобијата не е развоен, туку невролошки страв чија причина лежи во нерасчистените семејни односи, особините и личноста на детето, амбициозноста на родителите, несогласувањето со врсниците. Најчесто се јавува во прво, второ и во петто одделение или на почетокот на средното образование. Се проценува дека се случува кај 4 или 5 проценти од децата и младите адолесценти. Училишната фобија се лекува, но може да трае со месеци, па и години, особено ако не се започне навреме со терапија.
Прв чекор во надминување на проблемот е отворениот и искрен разговор со детето за да се утврдат причините за фобијата. Со многу трпение, разбирање, љубов и поддршка на родителите, некои деца ќе успеат да се изборат со
фобијата и ќе продолжат да одат во училиште без отпор, но ако детето и понатаму се буни, лошо спие, има проблеми со исхраната, избегнува друштво, изгледа загрижено или тажно, мора да се посети експерт.
Нема причина за срам, лутина и кавги бидејќи без поддршка од родителите и нивното активно учество во процесот на терапија, лекувањето може да трае многу подолго отколку што би траело со нивна соработка.