X
 30.11.2023 Образование

Ги запознаваме најдобрите научници на УКЛО во 2022/23: проф. д-р Весна Антовска Книгхтс, Технолошко-технички факултет во Велес

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, по повод Меѓународниот ден на науката, ги прогласи најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23 во три категории.

Во втората категорија - најплоден научник на УКЛО, критериум за селекција беше бројот на објавени трудови во Scopus базата на податоци во академската 2022/2023. Во оваа категорија пофалница ѝ беше доделена и на проф. д-р Весна Антовска Книгхтс од Технолошко-техничкиот факултет во Велес за објавени 3 труда во Scopus базата на податоци.

Воедно, професорката Весна Антовска Книгхтс е на второ место во категоријата најдобар научник на УКЛО. Во академската 2022/23, во првиот квартал на Scopus базата на податоци, со 3 објавени труда има вкупен рејтинг (CiteScore) 18. Категоријата најдобар научник на УКЛО ги опфаќа објавените трудови во првиот квартал на Scopus базата на податоци рангирани според вкупниот ранг на списанието во кое се објавени – CiteScore.

Како гледате на иницијативата на УКЛО за избор на најдобри научници на Универзитетот?


Иницијативите за препознавање на најдобрите научници на универзитетот се одличен начин да се поддржи научниот талент и достигнувања. Оваа иницијатива го поттикнува истражувачкиот и натпреварувачкиот дух на меѓународно и светско ниво, што резултира со напредок и иновации во соодветните области. Колку повеќе на број ги има најдобри научници на УКЛО, толку повеќе го издигнуваме нашиот Универзитет да биде меѓу најдобрите.

Кое е Вашето најголемо достигнување во полето на науката? Кој е Вашиот следен предизвик?

За секој научник, едно од најголемите достигнувања е кога ја стекнал титулата доктор на наука. Кога тој докторат ќе си ја најде примената во секојдневната истражувачка работа, како што е во мојот случај интегрирањето на применетата математиката во роботиката и вештачката интелигенција со областа на технологијата на храна и нутриционизмот, претставува достигнување и значаен и иновативен пристап.

Следниот предизвик е да продолжам со истражувања во иста насока со цел уште поголем напредок и интеграција на овие области.

Што значи да се биде научник и што според Вас треба да се направи за да се овозможат попродуктивни процеси на научно инвестирање?

За мене, да се биде научник значи да бидеш посветен на откривање нови знаења и разбирање на светот околу нас. За да се овозможат попродуктивни процеси на научно инвестирање, треба да се инвестира во образование, истражувачка инфраструктура и соработка меѓу научниците и институциите.

Поддршката во науката е поддршка на развојот на општеството. Во таа смисла, што ќе им порачате на Вашите колеги, пријатели и на студентите на УКЛО?

На моите колеги, пријатели и студенти на УКЛО би им порачала да продолжат со својата страст кон истражувањето и образованието. Нека бидат отворени за нови идеи, да ја следат својата интуиција и да го користат својот талент за да го подобрат светот околу нив.

Може ли да ни откриете што Ве прави среќни?

Навистина ме исполнува кога еден истражувачки потфат ќе го достигне своето завршување, давајќи резултати по обемниот процес на истражување и решавање проблеми. Тој момент на реализација и остварување, каде што сета напорна работа и посветеност носи неизмерна среќа и задоволство. Тоа чувство за постигнување е навистина наградувачко и возбудувачко.

Дали имате идеја водилка, мото што Ви дава силна инспирација?

Моја водечка мисла е дека она што се работи, треба да се работи со мерак, од срце и од душа, тогаш има најголем успех.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование