X
 18.01.2024 Образование

Ги запознаваме најдобрите студенти на УКЛО: Кристина Димитриеска од Економскиот факултет - Прилеп

Во новиот серијал на УКЛО ги запознаваме најдобрите студенти. Серијалот го продолжуваме со Кристина Димитриеска од Економскиот факултет од Прилеп.

Зошто одбра да студираш на УКЛО? Зошто е добро да се студира дома?


- Одбрав да студирам на УКЛО поради сите можности што ги нуди дополнително на квалитетното формално образование, вклучувајќи ги различните размени меѓу студенти, добро развиената врска меѓу реалниот сектор и факултетите, можноста за партиципирање во многубројни активности, како на ниво на факултет така и на ниво на универзитет, па и добриот и професионален однос кој професорите на УКЛО го оставиле зад себе како слика.

Добро е да се студира дома поради можноста однатре да се проучи системот и да се согледа функционирањето на институциите и односот на истите кон амбициите на студентите.

Што значи за тебе наградата најдобар студент?

- За мене, наградата за најдобар студент прво е огромна чест, задоволство и наплив на емоции, а второ, е дополнителна причина поради која го одбрав УКЛО, а се однесува на умешноста да ги препознае и награди оние што се истакнале од толпата студенти, без разлика дали тоа е постигнато со висок просек или со дополнителни активности, да ги мотивира и да им даде поттик за понатамошен развој и поголеми чекори кон иднината.

student

Ги исполни ли УКЛО твоите очекувања? Кои моменти од студентските денови ќе останат во твоите сеќавања?

- Тргнувајќи од фактот дека како и секој просечен средношколец, и јас немав големи очекувања, а и немав замисла на што ќе наидам почнувајќи ги моите студии, можам да кажам дека УКЛО не ги исполни моите очекувања. Напротив, УКЛО ја постави сликата за тоа како би требало еден Универзитет да изгледа и како би требало да се грижи за своите студенти. УКЛО е слика за тоа како се почитуваат интересите на студентите и се внимава на нивните идеали и исполнувања на замислените цели. Така што, УКЛО, поточно, Економски факултет – Прилеп, е одговорен за основата што ја имам и за издигнување и на моите цели и за продолжување кон моите постдипломски студии.

Каде се гледаш по пет години?

- Гледајќи на тоа дека во тек сум со моите постдипломски студии на Универзитетот во Љубљана, по пет години се гледам себеси во средина која ги почитува моите достигнувања и е предизвик за мое напредување, како на професионално така и на лично ниво.

Твојата порака до сегашните и идните студенти на УКЛО?

- На сегашните и идните студенти на УКЛО би им препорачала само да си ги почитуваат и следат своите цели. Животот е полн со изненадувања, неочекувани и непланирани пресврти, позитивни и негативни. Патот по кој чекорите секогаш води кон некаков резултат, гледајте тоа да е вашиот посакуван. Не гледајте ги врнежите, бурите и грмотевиците во меѓувреме, фокусирајте се на виножитото кое следува по нив. Всушност, како економист, би рекла: бидете сигурни дека покрај виножитото ќе го најдете и грнето со злато, независно што тоа претставува за секој од вас.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование