Градинарските бизниси цветаат во текот на пандемијата, а расадниците
напорно се обидуваат да останат во чекор со неочекуваната и невидена
побарувачка.
Грижата за растенијата и цвеќињата отсекогаш била едно од најпопуларните хобија на светот, но никој не беше подготвен за овој напредок во градинарството.
Реномираната компанија „Бурпе“ продала повеќе пакувања за семиња оваа пролет отколку кога било во текот на 144-годишното постоење. Кралското хортикултурно друштво на Велика Британија забележа петкратно зголемување на прашањата за совет за градинарство на својата веб-страница за време на карантинот во земјата.
Расте дури и бројот на домашни растенија бидејќи луѓето бараа начин да си ги подобрат деновите за време на карантинот.
- Верувам дека најголемиот дел од интересот за градинарство доаѓа од постојните градинари. Сепак, во нашите продавници гледаме огромен број помлади луѓе од генерациите Х, Y и Z. Тие учат за одржливо градинарство - вели Тони Авент, основач и сопственик на „Џунипер Левел ботаник гарден“ во Северна Каролина.
Дејвид Николсон од Кингфилд, САД, е градинар повеќе од две децении. Но, како што вели, тој е особено благодарен за овогодишната сезона.
- Постои нешто посебно во тоа да влезете во вашиот двор, да скинете плод и веднаш да го јадете. Вкусот и текстурата се многу подобри - вели тој.
- Мислам дека луѓето уживаат да бидат надвор. Тие ги користат придобивките од градинарството, не само визуелниот дел и делот кога можат да јадат нешто од нивната градина, туку и придобивките што градинарството ги носи за нивното ментално здравје.
Фото: Pixabay
Според повеќето градинари, пандемијата ги натера луѓето што беа заглавени дома да почнат да прават нешто продуктивно. Како што вели Хариет Грос, професорка по психологија на Универзитетот „Линколн“ во САД, свежото овошје и зеленчук честопати се причина за човек да почне да одгледува градина, но тие не се главната причина зошто луѓето продолжуваат да ја одгледуваат градината.
- Градинарството, работењето со растенијата и во почвата има тенденција да го намали нивото на хормонот за стрес - вели таа. Кортизолот, хормонот одговорен за реакциите на човечкото тело на стрес, предизвикува промени што им овозможуваат на луѓето да реагираат на стресни стимули. Стресот што го носи глобалната пандемија може лесно да го подигне нивото на кортизол и да создаде чувство на вознемиреност и неизвесност.
- Физиолошки, градинарството го менува вашиот одговор за вие да се чувствувате порелаксирано. Ова ви овозможува да бидете под помал стрес и полесно да се справите со проблемите, така што вашата ментална благосостојба е подобра - вели таа.
Градинарството го одвлекува умот од причините за стрес и обезбедува да бидеме фокусирани на нешто друго. Според Грос, чувството за контрола што го овозможува градинарството може да обезбеди олеснување за време на пандемијата. Пандемијата го одзеде нашето чувство на сигурност и контрола. Градинарството, пак, на некој начин ја враќа таа контрола.
- За луѓето што се градинари, градината е начин на управување, начин на справување со тешки работи или стресни работи во нивните животи. Им овозможува да размислуваат за нешто попродуктивно - вели Грос.
Теоријата за обнова на вниманието во психологијата вели дека изложеноста на природа може да има закрепнувачки ефект врз способноста некој да се фокусира. Во денешниот свет, луѓето се концентрирани на многу работи: телефони, работа или луѓето околу нив.
Извор:
Bunewsservice.com |
Good News Network