X
 07.07.2026 Живот

Елтон Џон потпиша договор за „настапи“ во Лас Вегас, но како холограм

Седумдесет и деветгодишниот Елтон Џон потпиша повеќемилионски договор за „настап“ во Лас Вегас во форма на холограмска резиденција. Шоуто ќе биде една од главните атракции на новиот хотел „Хард рок“, чие отворање е најавено за следното лето.

Елтон ќе ги сними настапите годинава во студијата „Пајнвуд“, по што снимките дигитално ќе бидат претворени во „живописно реален“ холограм. Британски „Сан“ тврди дека станува збор за технологија понапредна од онаа што се користи за лондонскиот „АБА Војаџ“, кој во моментов е најуспешниот холограмски концертен формат во индустријата.

Дуа Липа и Кики Ди како холограми


Покрај Елтон, во шоуто ќе се појават и холограмите на Дуа Липа и на неговата долгогодишна соработничка Кики Ди. Ди со него во 1976 година го сними хитот „Don't Go Breaking My Heart“ , додека Липа со Елтон во 2021 година го објави „Cold Heart“. Договорот со „Хард рок“ е со седумцифрена сума.

Што е резиденција?


Во музичката индустрија резиденција означува серија настапи кои изведувачот редовно ги одржува во иста сала или хотел во текот на подолг период, наместо класична турнеја која патува од град во град. Во тој случај публиката доаѓа кај изведувачот, а не обратно.

Форматот е најпознат токму по Лас Вегас. Селин Дион одржуваше резиденција во „Сизарс палас“ цели 16 години, во два наврати. Адел во 2022 и 2023 година настапуваше во салата „Колосеум“ во истиот хотел. Кејти Пери и Ашер имаа резиденции во „Ризортс ворлд“, а Бруно Марс е долгогодишен постојан гост во „Парк Ем-џи-ем“, каде што изведувачите со месеци настапуваат на иста сцена, а публиката доаѓа кај нив.

Елтон во 2018 година во разговор за Ен-ем-и зборуваше спротивно, истакнувајќи дека од својот најстар син побарал ветување дека по неговата смрт нема да се појават холограмски турнеи со неговиот лик. Осум години подоцна тој потпишува токму таков проект, додека е сè уште жив.

Елтон официјално заврши со турнеите во 2023 година. Повремено настапува во живо, но поради тешкото оштетување на видот, тој е сè поселективен кон настапите на сцената.

Извор: bug
Фото: принтскрин/јутјуб

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот