Принцот на темнината можеби повеќе не е меѓу живите, но ВИ-холограмот би требало да ги зачува препознатливиот глас, личноста и манирите на Ози Озборн за неговите обожаватели.
Вдовицата на Озборн, Шерон, и синот Џек минатата недела на саемот „Лајсенсинг експо“ во Лас Вегас ги открија плановите за неговиот дигитален двојник.
- Можете да го прашате Ози што било, а тој ќе ви одговори со својот глас. И одговорите ќе бидат она што Ози би го кажал - изјави Шерон Озборн.
На овој саем уметниците, познатите личности, студијата за забава и производителите склучуваат договори за лиценцирање на интелектуалната сопственост. Семејството Озборн го најави холограмот на оригиналниот фронтмен и главен пејач на бендот „Блек сабат“ при дискусијата за иднината на брендот Озборн на главната сцена на настанот.
- Тој дигитално ќе постои сè додека имаме компјутери - рече Џек Озборн.
Една година од смртта
Ози Озборн почина минатата година во 76-тата година од животот, по долгата кариера во која постојано наоѓаше нови начини да се реинвентира. Интересот за него не покажува знаци на слабеење. „Сони“ работи на биографски филм чија премиера во кината е планирана за 2028 година. Изложбата „Воркинг клас хиро“, посветена на неговиот живот, трае до крајот на септември во Музејот во Бирмингем.
Веќе кон крајот на летото би требало да се појави дигиталниот двојник кој ќе се обиде дополнително да го продолжи тоа наследство. Тој ќе комуницира со обожавателите во САД и Велика Британија на повеќе јазици. Ќе им одговара поединечно во реално време, со впечаток дека остварува контакт со очите.
Овој холограм може „да ја прочита просторијата“
-Тој не е само чет-бот, туку навистина може да ја процени атмосферата во просторијата - рече Дејвид Нусбаум, основач на компанијата „Прото холограм“. Тоа е еден од партнерите на семејството Озборн на овој проект. „Можеби ќе забележи тетоважа од бендот ’Блек сабат‘ на раката на обожавател од другата страна на просторијата. Можеби поинаку ќе се однесува кон група директори во костуми отколку кон вистински металци. Можеби ќе почувствува дефокусираност во просторијата и ќе направи нешто за да ја смири публиката“.
Изработка на холограмот
За да го оживее дигиталниот Ози, „Хајпер рил“, студиото специјализирано за фотореалистични ликови и интерактивна забава заснована на вештачка интелигенција, ќе користи верификуван изворен материјал – односно „дигитална ДНК“, како што ја нарекуваат. На истиот начин компанијата минатата година го оживеа легендарниот Марвелов уметник Стен Ли за настанот „Лос Анџелес комикон“.
Како реагираат обожавателите?
Ова нема да биде првпат Ози Озборн да биде „оживеан“ со помош на вештачка интелигенција по смртта. Минатата година Род Стјуарт му оддаде почит на музичарот со видео генерирано од ВИ кое го прикажува како во рајот прави селфи фотографии со починати ѕвезди како Курт Кобејн, Мајкл Џексон, Боб Марли и Фреди Меркјури. Тој сегмент предизвика негативни реакции, а некои гледачи го опишаа како „морничав и невкусен“.
Најавата за идниот аватар на Ози беше дочекана и со возбуда и со скептицизам. „Оставете го човекот да почива во мир“, напиша Џошуа Хејз во дискусијата на социјалната мрежа „Х“ по повод оваа вест. Тоа беше една од поблагите негативни реакции, од кои многу се фокусираат на прашањето за почит кон мртвите.
Фото: принтскрин/јутјуб