X
 21.08.2018 Технологија

Казни за социјалните медиуми ако екстремистичката содржина не се избрише за еден час

Европската Унија наводно планира да воведе построги регулации за социјалните медиуми, вклучувајќи ги „Фејсбук“, „Јутјуб“ и „Твитер“, ако не се отстрани терористичка интернет-пропаганда.

Според новите нацрт-регулативи, кои треба да бидат објавени следниот месец, ЕУ планира да воведе казни за компаниите ако терористичката содржина не биде избришана во рок од еден час од поставувањето, напуштајќи ја претходната политика со која им даваше можност на платформите доброволно да ја бришат таквата содржина.

Претстојниот закон е изграден според директивите пропишани од страна на ЕУ во март за отстранување на радикализирачка интернет-содржина во рок од еден час. По ова, Европскиот парламент вети дека ќе го прегледа напредокот направен од страна на компаниите и ќе излезе со нов закон.

Еврокомесарот за безбедност Џулијан Кинг истакна дека прописите ќе помогнат да се создаде правна сигурност за платформите и тие прописи би се однесувале за интернет-страниците со секаква големина.

Компаниите се обидоа да користат вештачка интелигенција за автоматски да ја идентификуваат радикализирачката интернет-содржина, како и соработка за создавање заедничка база на податоци со фотографии и снимки со кои се промовира тероризам за да ги следат и отстрануваат што е можно побрзо. Платформите би можеле да се обидат да го решат проблемот преку построги услови за користење, но можеби ќе имаат проблем бидејќи тоа може да ги оддалечи луѓето поради тоа што таквите политики во одредена мера спречуваат слобода на говор.

Покрај напорите, студија објавена минатиот месец откри дека меѓу март и јуни членовите и поддржувачите на „Исламската држава“ поставиле 1.348 видеа на „Јутјуб“ собирајќи 163.391 преглед, а повеќе од 24 отсто од снимките останале на платформата подолго од два часа. Тоа било доволно снимките да бидат преземени, ископирани и споделени на „Фејсбук“, „Твитер“ и на другите социјални медиуми, дури и откако „Јутјуб“ ги избришал.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија