X
 07.09.2018 Наша тема

На прсти се бројат студентите по математика. И тие не сакаат ни да чујат да бидат наставници!

Воведоа плаќање од 200 евра, нас никој не нè праша, воведоа „Кембриџ“, нас никој не нè праша..., вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, раководител на Институтот за математика при ПМФ


Додека основните и средните училишта мака мачат да најдат наставници по математика, на првиот уписен рок само 12 кандидати се пријавиле да студираат наставна математика на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Приближно интересот бил ист и лани и претходните години. Оваа година дузина кандидати се пријавиле и за останатите пет насоки на Институтот за математика. Ако се земе предвид дека лани во вториот уписен рок се пријавиле уште десетина кандидати, Институтот годинава ќе има одвај 35 студенти - далеку под квотата од вкупно 195 слободни места (125 редовни, 40 со кофинансирање и 30 вонредни студенти).


Генерално, за сите шест институти на ПМФ интересот е многу мал. Според резултатите од прелиминарната листа, пријавени се 279 студенти за вкупно 1.235 места (615 редовни, 405 со кофинансирање и 400 вонредни).

- Далеку сме под исполнување на квотата. Интересот со години е таков – вели проф. д-р Ѓорѓи Маркоски, раководител на Институтот за математика при ПМФ.

На прашањето зошто интересот за студирање математика е толку мал, кога има потреба од кадар, Маркоски објаснува:

Проф. д-р Ѓорѓи Маркоски

- Проблем е што малку избираат наставна математика. Одговорот треба да го бараме во целото општество. Од студентите од последните генерации имам впечаток дека тие не сакаат да работат како наставници. Платата е најмал проблем. Начинот на кој треба да го добијат работното место, секојдневните притисоци од сите страни да стават висока оценка, а ученикот не ја заслужува и слично.

Според него, интересот за студирање математика нагло опаднал пред десетина и повеќе години кога со системските реформи во високото образование беше решено студентите во редовните квоти да плаќаат по 200 евра годишно.
- Државата пресмета дека така ќе му ја олесни работата на факултетите. Сè се сведе на пополнување бројка. А математиката генерално е тешка наука, на сите насоки – вели Маркоски.

Прочитајте:Пораз! Никој не сака да студира македонски јазик

Како да се смени стигмата кон математиката во љубов кон наука која понатаму е основа за секој аспект во животот? И тоа во секојдневие кога учениците во најниските одделенија одбиваат да ги решаваат наставните листови со 50 задачи со собирање и одземање на двоцифрени броеви, кога ученици во прва година средно не ја знаат таблицата за множење, кога само 10 отсто од матурантите избираат да полагаат математика на државната матура?

Од Меѓународната конференција што пролетва се одржа на ПМФ

Маркоски вели дека ни се неопходни реформи на сите нивоа, од кадар, програмски до социолошки.
- Воведоа плаќање од 200 евра, нас никој не нè праша, воведоа „Кембриџ“, нас никој не нè праша... Се случува во одделенска настава да предаваат наставници кои дипломирале на насоката Педагогија на Филозофски факултет. Како може тие да држат настава по математика до 5. одделение кога веќе се организираат натпревари „Кенгур“ кои бараат повеќе размислување?! Потребни ни се сериозни реформи, на сите нивоа – вели Маркоски.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема