Денеска и утре се одржува третиот семинар „Математика и примени“ во организација на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што генерален поддржувач е издавачката куќа „Просветно дело“. На овој семинар му претходат семинарите во 2016 и 2017 година, а првиот семинар во 2016 година се одржа во чест на 70-годишнината од постоењето на Природно-математичкиот факултет и Институтот за математика.
Популаризацијата на математиката отсекогаш била дел од активностите на математичарите во Македонија. Тука се вбројуваат натпреварите по математика, математичките школи, издавањето популарни математички списанија за ученици во основно и во средно училиште, но и математичките семинари со предавања од одредени математички области за поширока публика.
Од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет изјавија:
- Сознанијата за позитивното влијание на тие семинари врз работата на универзитетскиот и училишниот наставен кадар беа поттик да се обидеме да ги обновиме математичките семинари на Институтот за математика. Семинарот „Математика и примени“ се одржува еднаш годишно, во декември, па покрај за наставниот кадар од универзитетите и училиштата, тој е отворен и за студенти, средношколци, припадници на индустрискиот и општествениот сектор и пошироката јавност. Од работата на семинарите „Математика и примени“ во претходните две години произлегоа четири книги со научно-популарни трудови и трудови за наставата по математика, во рамки на научно-популарната едиција „Математички омнибус“ во издание на Институтот за математика (електронско и печатено издание). Електронските верзии на овие книги се со слободен пристап на интернет-страницата на Институтот за математика - велат организаторите.
Целта на овогодишниот семинар „Математика и примени“ е преку збир од научно-популарни предавања и предавања за наставата по математика да придонесе за популаризација на математиката меѓу младите и пошироката јавност, за ширење и размена на добрите наставни практики, но и да предложи нови идеи за нивно подобрување.
Оваа година Семинарот е од полуотворен карактер, што подразбира дека студентите и средношколците имаат слободен влез по претходно извршена навремена регистрација.
Голем е интересот за семинарот, има 30 предавања, присутни се околу 200 наставници и 100 студенти и средношколци, а има и интерес за трудовите произлезени од работата на семинарите. Сево ова се прави со стремеж за обновување и проширување на традицијата на Институтот за математика за одржување математички семинари за популаризација на математиката.
Издавачката куќа „Просветно дело“ издаде и едиција збирки по математика за основно образование од прво до деветто одделение во насока на развој и поддршка на наставниот процес во образовниот систем, а тука се јавува и како генерален поддржувач со свој продажен штанд на математичка литература.