X
 07.09.2019 Живот

Бил Гејтс поддржува контроверзен план за затемнување на Сонцето

Шефот на компанијата „Мајкрософт“, Бил Гејтс, ја поддржува идејата со испуштање прав од креда во атмосферата на Земјата за да се затемнат сончевите зраци и така да се спречи глобалното затоплување, но таа намера го загрижува научниот свет.

Гејтс финансира студија на истражувачи од „Харвард“ чија намера е да се докаже дека секојдневното испуштање милиони тони креда претворени во прав би можело да го затемни Сонцето и да биде оружје против климатските промени.

Тимот од „Харвард“ ја добил идејата во текот на природната катастрофа што ги погоди Филипините, кога еруптира вулканот Пинатубо.

Во таа катастрофа настрадаа повеќе од 700 лица и се срушија десетици илјади куќи.

Во стратосферата, по експлозијата на вулканот, остана хемиски облак што доведе до испуштање на 20 милиони тони сулфурен диоксид.

Сулфурната киселина беше во дождот повеќе од една година и ја одбиваше сончевата светлина, што доведе до можност за развивање експерименти со контролирано нарушување на стратосферата.

Планот, кој е финансиран од страна на Гејтс, би требало да ги симулира последиците на експлозијата од вулканот на целата Земја. Планот на тимот од „Харвард“ вклучува употреба на 800 големи авиони кои би испуштале тони креда од 18 километри над површината на Земјата.

Научниците тврдат дека помрачувањето би ги одбивало сончевите зраци и така би спречило глобално затоплување. Но голем број нивни колеги се сериозно загрижени поради планот на Гејтс.

- Ако се употреби оваа технологија и се спроведе лошо или неовластено, тогаш може да се создадат различни видови глобални ризици, кои може да претставуваат еднакви, ако не и поголеми предизвици за глобалното општество од климатските промени - порача советникот на ОН за климатска политика, Јанош Пастор.

Тој порачува дека светските влади треба да се вклучат во расправата за овој план.

Научниците предупредуваат дека најголемиот ризик во планот за затемнување на Сонцето е попречување на процесот на фотосинтеза, без кој билките и прехранбените култури не би можеле да преживеат, а сиот човечки род и животните би биле загрозени.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот