X
 06.10.2023 Наша тема

Дарио Стојановски - од најдобар студент на ФИНКИ во 2014 година до докторат на ЛМУ во Минхен, пракса во „Амазон“ и работа во „Мајкрософт“

По докторските студии бев прифатен на неколку постдокторски позиции на неколку универзитети во Европа, но од лични причини, не бев во можност да ги прифатам. За среќа, се појави одлична можност да работам во „Мајкрософт“ во Белград, а од неодамна направив трансфер и работам од Скопје, ни сподели Дарио

Дарио Стојановски дипломира со просек 9,85 на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, на насоката информатика и компјутерско инженерство во 2014 година. Со големо залагање и посветеност кон учењето успеа да оствари голем успех како студент, а сега со исто темпо продолжува да остварува успеси. Не се крие од предизвици, не одбира лесни задачи и инвестира во своето знаење и, секако, во својот живот на секое поле.

-На професионален план енергијата ја вложувам во моите секојдневни работни обврски во „Мајкрософт“. Моментално работам на Копилот во „Ворд“, каде што правиме истражување и интегрираме големи јазични модели (large language models) во „Ворд“. Ова е сосема нова област и бара многу креативно размислување бидејќи постојано се среќаваш со проблеми за кои нема едноставни решенија достапни на интернет. Успевам да искористам многу од претходното знаење, но мојот претходен фокус беше различен, па постојано морам да учам и да се приспособувам. Моментално, целиот фокус надвор од работното време ми е во гледањето на мојот едногодишен син, кое е моето најубаво и највредно искуство - вели Дарио.

Факултетот е одлично место за еден студент да ги истражи своите интереси

Дарио дипломира во 2014 година со просек 9,85, а потоа завршил магистерски студии по софтверско инженерство. Она на што најчесто се присетува од студентските денови е комуникацијата со другите студенти, асистенти и професори.

- Се сеќавам на групните проекти и останувањето до доцна навечер во факултетската читалница учејќи за некој испит. Факултетот го сметам како одлично место за запознавање многу нови луѓе со слични интереси како твоите. Факултетот нуди можност да го прошириш кругот на пријатели и познајници, што понатаму станува твојата професионална мрежа. И, секако, најмногу се сеќавам на периодот кога ја запознав мојата сегашна сопруга - додава Дарио.



Како студенти, сите негуваме соништа, си поставуваме кариерни цели кои потоа се стремиме да ги достигнеме. Најголема желба на Дарио му била да основа успешен стартап, па затоа цело време се обидувал да смисли некоја нова идеја.

-Но, како што почнав да се запознавам со вештачката интелигенција и како што го почнав првото работно искуство, фокусот ми се префрли на истражувачка работа во оваа област. Затоа како цел си поставив да завршам докторски студии, а успеав да ја реализирам со докторирањето на Универзитетот Лудвиг Максимилијан (ЛМУ) во Минхен. Тоа не значи дека сум ги исполнил сите цели што сум ги замислил, но генерално сум задоволен со мојата моментална кариера. Сметам дека факултетот е одлично место за еден студент да ги истражи своите интереси, овозможува да се запознае површински со многу области и подетално со тие што му се интересни, да испроба различни искуства пред да се реши како да ја гради кариерата - истакнува Дарио.

Првото работно искуство како истражувач

Неговото прво работно искуство било истражувач на научен проект на ФИНКИ во соработка со неколку странски универзитети и истражувачки центри. Вели дека тогаш првпат имал можност да работи истражувачка работа и да се запознае подетално со обработката на природни јазици (NLP - natural language processing), област од вештачката интелигенција на која сѐ уште е фокусиран.

-Паралелно со ова работно искуство работев и на магистерските студии. Во текот и откако ги завршив магистерските студии, поминав низ долг и тежок процес на наоѓање докторски студии. За среќа, бев прифатен на ЛМУ во Минхен, каде што работев на технологии за автоматски превод (machine translation). И покрај тоа што докторските студии бараат огромен труд за просечна плата, ова е едно од моите најпозитивни искуства бидејќи имав целосна слобода да работам на теми што ми беа интересни, да учествувам на конференции и да соработувам со многу различни луѓе. За време на еден докторат, секој студент работи на тема на која работат мал број луѓе низ целиот свет и има одлична можност да иновира и да стане експерт на таа тема. Докторските студии беа основа да добијам пракса во „Амазон“ и да ја добијам мојата моментална позиција во „Мајкрософт“. По докторските студии бев прифатен на неколку постдокторски позиции на неколку универзитети во Европа, но од лични причини, не бев во можност да ги прифатам. За среќа, се појави одлична можност да работам како Applied Scientist во „Мајкрософт“ во Белград, а од неодамна направив трансфер и работам од Скопје - посочува Дарио.

Продолжува да ја истражува вештачката интелигенција



На прашањето колку е заслужен факултетот за неговата успешност, умешност и достигнувања денес, тој вели:

- Премногу често гледам негативни коментари дека на факултет не се учат најновите технологии и други коментари од сличен карактер. Според мене, факултетот треба да ги научи студентите на основните принципи на компјутерските, или кои било други, науки и да ги научи на принципите на научно и инженерско размислување. Со таква основа, многу полесно е приспособувањето на некоја нова технологија. Бидејќи долг период по додипломските студии работев во академија, факултетот беше неопходен за да ги добијам тие можности за истражувачка работа. Како што реков, факултетот нуди можност да се добијат научни и инженерски принципи. Особено се важни докторските студии каде што си целосно принуден да го прифатиш научното размислување и начин на работа, што не е секогаш така лесно. Сепак, сето тоа не е доволно за да се биде успешен и мора постојано да се следат трендовите и да ги надградуваш своите способностите – истакнува тој.

Истражувачката работа била и сѐ уште е негов најголем интерес. Моментално работи применета истражувачка работа, но секогаш е заинтересиран и за истражувачка работа слична на таа што ја имал во академијата.

- Работам со јазични модели, која е една од најинтересните области за инженерска и научна работа. Овие модели и нивните можности отвораат голем број дебати, од нивниот теоретски потенцијал, што укажува за човечката и интелигенцијата како генерален концепт, до ефектот што би го имале врз човештвото во блиска и далечна иднина. Да се биде дел од овие случувања е навистина предизвикувачки и интересно. Предвидувањето на иднината е речиси невозможно, ретко кој можеше да го предвиди последниот бран предизвикан од „Чет-ГПТ“, кој навистина многу ја смени мојата кариера, па затоа е тешко да се каже каде би се нашол во иднина и на што би работел. Но, генерално планирам да останам да работам на истражување во областа на вештачката интелигенција - дополнува нашиот соговорник.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема