X
 24.04.2024 Технологија

Знаете ли дека повеќето од вашите податоци наскоро би можеле да бидат под морето?

Не, не се работи за глобалното затоплување и неговите ефекти врз вашиот фејсбук-профил. Но, дали знаете каде е текстов што го читате во моментов? Во извесна смисла, живее на интернет или во облак, исто како и вашата омилена платформа за социјални медиуми или ТВ-шоуто што можеби ќе го гледате вечерва.

Но, во физичка смисла, тој се чува и се пренесува некаде во мрежа од илјадници центри за податоци низ целиот свет. Секој од овие центри зуи и сигнализира деноноќно за да складира, обработува и пренесува огромни количини податоци и им служи на потрошувачите. Целата оваа инфраструктура е скапа за изградба и работа и има значително влијание врз животната средина. Со цел намалување на трошоците, поголема одржливост и подобра услуга, центрите за податоци сакаат да пробаат нешто ново.

Технолошкиот гигант „Мајкрософт“ и другите компании сакаат да ги преместат центрите за податоци во светските океани, потопувајќи ги компјутерите и мрежната опрема за да ги искористат предностите на евтините локации и студените води. Дали е ова добра работа? Што е со влијанието врз животната средина? 

Дали заменуваме една штетна практика со друга?

Од 2014 година проектот „Натик“ на „Мајкрософт“ ја спроведува идејата за центри за податоци под брановите. Првичната претпоставка била дека бидејќи многу луѓе живеат во близина на брегот, таму треба да бидат центрите за податоци. Почетниот експеримент во 2015 година бил мал центар за податоци поставен три месеци во Тихиот Океан.

Нов двегодишен експеримент за следење започнал во 2018 година. Вкупно 864 сервери, во цевкаста структура од 12 на 3 метри, биле потопени на длабочина од 35 метри во близина на островите Оркни во Шкотска. „Мајкрософт“ не е единствената компанија која експериментира со складирање на податоците под вода. „Субсеа клауд“ е уште една американска компанија која го прави ова.

Зошто да се преместат центрите за податоци под вода?

Подводните центри за податоци ветуваат неколку предности во однос на нивните копнени роднини.

1) Енергетска ефикасност

Примарната предност е значително намалување на потрошувачката на електрична енергија. Според Меѓународната агенција за енергија, центрите за податоци трошат околу 1-1,5% од светската потрошувачка на електрична енергија, од кои околу 40% се користат за ладење. Центрите за податоци во океанот можат да ја исфрлат топлината во околната вода. Центарот на „Мајкрософт“ користи мала количина електрична енергија за ладење, додека дизајнот на „Субсеа клауд“ има целосно пасивен систем за ладење.

2) Доверливост

Експериментот на „Мајкрософт“ откри дека подводниот центар има зголемена безбедност. Кога се вратил на брегот во 2020 година, стапката на неуспех на серверот била помала од 20%, во споредба со центрите за податоци базирани на копно. Ова се должи на стабилната температура на морското дно и на фактот дека кислородот и влагата биле отстранети од цевката, што веројатно ја намалило корозијата на компонентите. Воздухот во цевките бил заменет со азот, што ги оневозможил пожарите. Друга причина за зголемената доверливост е и целосното отсуство на луѓе, што ја спречува можноста човечка грешка да влијае врз опремата.

3) Латентност


Повеќе од една третина од светското население живее на 100 километри од брегот. Лоцирањето на центрите за податоци блиску до местото каде што живеат луѓето го намалува времето потребно за податоците да стигнат до нив, познато како „латентност“. Офшор-центрите за податоци може да бидат блиску до крајбрежните потрошувачи, со што се намалува латентноста, без да се плаќаат високите цени на недвижностите кои често се наоѓаат во густо населените области.

4) Зголемена безбедност на податоците

Преместувањето на центрите за податоци во океанот го прави физички потежок пристапот до нив, за хакерите или саботерите. Исто така, може да им олесни на компаниите да ги решаваат прашањата за „суверенитетот на податоците“, каде што одредени земји бараат одредени податоци да се складираат во нивните граници наместо да се пренесуваат во странство.

5) Трошоци

Покрај заштедата, помалку хардверски дефекти и ниската цена на недвижностите на брегот, како начинот на кој се градат подводните центри за податоци, може да ги намалат трошоците.

Што е следно?

Неколку компании активно истражуваат или градат подводни центри за податоци. Додека просечниот краен корисник нема да има вистинска свест за тоа каде се складирани неговите податоци, организациите наскоро може да имаат избор на подводни платформи и облак-услуги. Компаниите што сакаат да ги покажат своите зелени акредитиви би можеле да се обратат до провајдери кои нудат позелени центри за податоци - промена што веројатно само ќе го забрза префрлањето кон океанските води.

Досега се чини дека овој пристап е практичен и исплатлив. Ако на тоа се додадат еколошките и економските заштеди, ова може да биде иднината на центрите за податоци.

Извор: bajtbox.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија