X
 07.09.2021 Здравје

За коронарната артериска болест нѐ едуцира д-р Митра Блажевска

И покрај големиот развој во дијагностиката и третманот на кардиоваскуларните болести (КВБ) , тие остануваат водечка причина за морбидитет и морталитет во светот. Годишно се присутни кај повеќе од 4 милиони жители на Европа, притоа поголема стапка на смртност од нив забележана е кај жените во однос на мажите.

Најчеста манифестација на КВБ претставува коронарна артериска болест (КАБ). Таа претставува хронично прогресивна болест, а се карактеризира со акумулација на опструктивна или не – опструктивна атеросклеротична плака во срцевите- коронаните артерии. Клинички КАБ може да се презентира како акутен коронарен синдром или хроничен коронарен синдром. Најчест нејзин симптом претставува градната болка- ангина пекторис која настанува како резултат на различни патофизиолошки механизми, од т.н „класична“ опструкција на коронарните артериии до промена на микроциркулацијата или спазам на коронарните артерии.

Постојат голем број на ризик фактори кои овозможуваат развој на атеросклероза и формирање на атеросклеротични плаки. Ризик факторите се делат во две групи. Во првата група се немодифицирачките ризик фактори - фактори на кои не можеме да делуваме, односно не можеме да ги менуваме, тука припаѓаат полот, возраста и генетиката. Втората група се модифицирачките ризик фактори-фактори на кои можеме да делуваме односно можеме да ги менуваме, а тоа се хипертензија, хиперлипидемија, дијабет, пушење, нездрава исхрана, физичка неактивност, зголемена телесна тежина, психолошки и социјални фактори. Одредување на индивидулалниот ризик за развој на КВБ кај секој пациент е исклучително битно бидејќи врз основа на тој ризик се превземаат соодветни мерки за да се намали тој ризик.

Современиот третман на КАБ има за цел да ги намали симптомите и да ја подобри прогнозата на болеста. Тоа го постигнуваме преку контрола на факторите на ризик, вклучувајќи го и однесување и стилот на живо, како и со примена на соодветни лекови и интервенции. Промената на стилот на живот и контрола на факторите на ризик се многу важни мерки во превенцијата и лекувањето на КАБ. Спроведувањето на здраво однесување (прекин на пушењето, препорачана физичка активност, здрава исхрана и одржување на здрава тежина) значително го намалува ризикот од идни кардиоваскуларни настани и смрт и е дополнително на соодветната терапија за секундарна превенција на КАБ.

Целта на медикаментозниот третман на пациентите со КАБ е да се намалат симптомите на градна болка и да се спречат идните кардиоваскуларни настани Во сегашните упатства, лековите за третман на КАБ се класифицираат како лекови од прв избор (бета-блокатори, блокатори на калциумови канали и нитрати со кратко дејство) или лекови од втор избор (ивабрадин, никорандил, ранолазин, триметазидин ) Сепак, изборот на лекот зависи пред се од основната патологија или коморбидитетите на пациентот. Клучно место во лекувањето на коронарна артериска болест имаат и антитромобцитните лекови , како што се ацетилсалицилната киселина и орален инхибитор на P2Y12, кои ја намалуваат агрегацијата на тромбоцитите и се применуваат кај пациентите како во примарна превенција, така и после инфаркт на миокардот или после имплантирање на стент Пациентите со потврдена коронарна артериска болест спаѓаат во група на пациенти со многу висок ризик за кардиоваскуларни настани и треба да се земе во предвид и вклучување на статин во терапијата . Секако важна е и примената на лековите од групата на АЦЕ инхибитори кои се неопходни во лекувањето на голем број на срцеви заболувања

Кај пациентите со KAБ, контролата на ризик факторите, промена во стилот на живот и примена на соодветна медицинска терапија се клучни за намалување на симптомите, запирање на прогресијата на атеросклерозата, спречување на атеротромботични настани и/или подобрување на прогнозата на болеста.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје