X
 12.08.2021 Здравје

Што е уретрално стеснување? Кои се симптомите и како се лечи? Објаснува д-р Огнен Ивановски

Мочниот канал претставува канал што почнува од мочниот меур и излегува кон надвор, а служи за празнење на мочниот меур. Мочниот канал се разликува кај мажите и кај жените. Кај мажите тој е воедно дел и на половиот и на уринарниот систем и е многу подолг отколку кај жените. Мочниот канал кај жените е тенка цевка долга само 4см. Таа е сместена пред спојувањето на двете карлични коски и е препокриена со мускули на предниот ѕид на вагината. Надворешниот отвор е наречен меатус и е сместен над вагиналниот отвор меѓу малите усни на надворешниот дел на половиот систем кај жените.



Кај мажите мочниот канал е долг околу 20cm. На почетокот поминува низ простатата, каде е поврзан со канал кои ја пренесуваат спермата од машкиот полов систем. Потоа продолжува низ пенисот, машкиот полов орган и се отвора кон надвор низ надворешниот отвор или меатусот. Мочниот канал кај машките има двојна функција: ја пренесува спермата и го празни мочниот меур, а кај жените мочниот канал ја има само втората функција, односно само го празни мочниот меур

Проблемот на стеснување на мочниот канал или стриктура на уретрата

Под уретрална стриктура се подразбира стеснување на уретрата, од било која етиологија, со или без афектирање на протокот на урината дистално од мочниот меур. Почесто се јавува кај мажи, а многу ретко кај припаднички од женскиот пол. Кај мажите стриктурите кои се во првите 2.5 – 5 см од уретрата се наречени задни стриктури, додека стриктурите во последните 23 – 25 см се означувааат како предни стриктури.

Постојат повеќе причини за оваа состојба. Според научните истражувања, се смета дека една третина од уретралните стриктури се резултат на претходни медицински процедури или манипулации со уретрата и соседните структури. Најчеста манипулација која доведува до стриктура е претходно лошо поставен уринарен катетер, потоа честите цистоскопии или било каков претходен трансуретрален оперативен третман. Тука се истакнува операцијата на простатата како најчест етиолошки фактор.

Друг чест етиолошки фактор може да биде траумата или повредата со оштетување на уретрата или мочниот меур (сообраќајна несреќа со автомобил или мотоцикл), Како куриозитет се јавува паѓањето од трактор како најчеста причина за повреди на уретрата најверојатно поради местоположбата на менувачот. Оваа траума на уретрата најчесто е придружена со фрактура или кршење на карлицата. Останати поретки причина за оваа состојба е карцином на уретрата, инфекциите (кламидија, гонореја), конгенитални малформации на уретрата, претходно третирана хипоспадија како и инфламаторни состојби како „lichen sclerosus“ или рајтер синдромот. Интересно да се напомене е дека во една третина од случаите не е верифициран никаков етиолошки фактор.

Симптоми

Најчести симптоми на уретрално стеснување се уринарната ретенција или неможност да се испразни мочниот меур. Во најтешките случаи доаѓа со комплетно запушување или комлетна ретенција на урина. Во тој случај се поставува цевка директно во мочниот меур. Понатаму, честа е појава на болка при мокрењето, појава на крв во спермата или урината, зголемена ургентност за мокрење, чести уринарни инфекции како и болки во долниот дел на абдоменот и пелвичната регија. Воедно, имајки предвид дека голем број на овие пациенти се млади, страда и репродуктивната и сексуалната функција на пациентот. Ова се случува, пред сè, поради постоење на реални генитални деформитети што ја придружуваат оваа состојба како и поради психолошкиот фактор кој неретко е изразен кај овие пациенти.

Дијагноза

Доколку пациентот боледува од оваа состојба потребно е да се јави на уролог за комплетен клинички преглед, урофлометрија и мерење на резидуална урина како и ретроградна микциона уретроцистографија. Идеално, на пациентот му се врши уретрографија за да се визуелизира позицијата и должината на дефектот. Во одредени случаи се прави и магнетна резонанца на таа регија.

Третман

Постојат два начина на третирање на оваа болест, Првата е нехируршкиот третман со употреба на уретрален дилататор или поставување на перманентен катетар или цистостома. Овој пристап дава краткотрајни резултати и моментално според водичот на Европската асоцијација по урологија не се препорачуваат.



Вториот, воедно и препорачан начин на лечење, е хируршкиот кој вклучува две методи. Првиот е внатрешното сечење на каналот, што дава краткотраен успех и се препорачува за кратки стриктури. Вториот метод е уретропластиката или отворената реконструкција на уретрата. Уретропластиката претставува метод на избор во многу случаи бидејќи дава висок процент на излекување (околу 95%). При уретропластика урологот ја реконструира уретрата најчесто со помош со помош на слузница од внатрешната страна на образот, создавајќи „нова” уретра или нов канал. Научните истражувања увиделе дека лигавицата во устата е со ист состав на епител со лигавицата на мочниот канал. Воедно, оваа лигавица неретко може да се употреби како графт при хирургија на пенилните курватури, како и при разни реконстрикции на пенисот таканаречени фалопластики.

Компликациите при гениталната хирургија вклучуваат: постоперативна инфекција, појава на хематом, парестезии или боцканје или трнење на местото на операцијата, повторно стеснување или развој на фистула и еректилна дисфукција. Во најголем број случаи пациентот си оди на домашно лекување веќе првиот ден после опарацијата. Во раниот постоперативен период се ординира антибиотски третман додека во покасниот период се ординира секојдневна мала доза на тадалафил со цел подобрување на мокрењето како и целосно враќање на сексуалната и репородуктивна функција на пациентот.

Во модерната урогенитална хирургија, уретропластиката претставува златен стандард за третман на уретралните стриктури и нуди подобар исход од дилатациите и уретротомиите. Процедурата успешно се изведува на Универзитетската Клиника за урологија и досега се изведени преки 100 операции од ваков вид. Операцијата е целосно покриена од фондот за здавствено осигурување.


Слика 1. Стеснет мочен канал по целата должина (како изеден од молци). Резултат на тешки инфекции.

Пишува: Д-р Огнен Ивановски, хирург-уролог при Универзитетската Клиника за Урологија и виш научен соработник на Медицинскиот факултет во Скопје
Подготвил: Д-р Огнен Ивановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје