X
 29.07.2021 Здравје

Каков имунитет имаме и како знаеме дали е компромитиран?

Има вроден и стекнат имунитет, а пациентите може да се посомневаат дека е компромитиран

Автор: д-р Мервиса Бекировиќ-Драголовчанин, специјалист по семејна медицина во ПЗУ А-Е Медика – Скопје


Имунитетот е способност на организмот да дава отпор на болести со идентификација на туѓи супстанции или организми, кои се познати како антигени. Овие антигени ги препознава имунолошкиот систем и реагира на нив, односно започнува имунолошки одговор.
Главни делови на имунолошкиот систем се коскената срцевина, тимусот, лимфниот систем со лимфните јазли, тонзилите и слезината, сите овие учествуваат во формирањето и работата на имунолошкиот систем. Заштитните механизми преку кои дејствува имунолошкиот систем може да бидат неспецифични (на пример, кожата) и специфични (на пример, одговор на антителата). Кај луѓето постојат 2 вида антитела: вродени и стекнати.

Вроден имунитет

Вродениот имунитет – како што кажува и самото име, го добиваме од раѓање и претставува наша прва одбранбена линија. Тој е претставен од заштитни механизми кои дејствуваат веднаш при средба со патогенот. Се состои главно од бариери кои имаат цел да ги спречат вирусите, бактериите, паразитите и други страни честички да навлезат во организмот и да ја ограничат нивната способност да се движат во телото.

Вродениот имунитет вклучува:
Физички бариери - кожа, гастроинтестинален тракт, респираторен тракт, назофаринкс и други.
Заштитни механизми - лачење од мукозни мембрани, лачење на жолчката, хлороводородна киселина (дел од гастричен сок), плунка, солзи, потење.
Општи имунолошки одговори - воспаление, активирање на системот на комплемент, неспецифични клеточни одговори. Воспалението ги активира имуните клетки на местото на инфекцијата, зголемувајќи го протокот на крв во областа. Комплементен систем е дел од имунолошкиот одговор, кој има цел да ги обележи патогените микроорганизми за уништување и да ги елиминира со формирање комплекс кој напаѓа мембрана (MAC).
Вродениот имунитет е секогаш општ, неспецифичен и генски определен, што значи дека сè што е признато како странско е нападнато од него.

Стекнат имунитет

Стекнатиот имунолошки систем или специфичниот имунитет е вид имунитет, односно имунолошки одговор на организмот кој се случува тогаш кога неспецифичниот имунитет нема да обезбеди заштита од туѓите честички - антигени. Специфичниот имунитет е комбинација од два вида имунитет: хуморален и клеточен. Притоа, B-клетките се одговорни за одбранбената реакција антиген-антитело, која се случува при хуморалниот имунитет, додека Т-клетките се одговорни за клеточниот имунитет. Хуморалниот имунитет е договорен за борба против бактериите, додека клеточниот имунитет против вируси.

Пасивен имунитет

Постои и таканаречен пасивен имунитет: овој вид имунитет се пренесува од мајката на детето, преку плацентата и доењето и го штити детето во првите месеци и години од животот.

Како пациентите препознаваат дека имунитетот им е компромитиран?

Во овој период соочени со пандемијата, често од пациентите добиваме прашања поврзани со имунитетот. Што е тоа што доведува до намален имунитет и како да се заштитиме, т.е. да го зајакнеме нашиот имунитет?
Нарушувањата на имунолошкиот систем настануваат кога дел од имунолошкиот систем недостига или не функционира соодветно. Она што доведува до тоа имунолошкиот систем да не функционира соодветно најчесто е:
- зголемен стрес
- нарушен сон
- недоволна физичка активност
- загадување на воздухот и животната средина
- недоволен внес на течности
- неправилна исхрана
- недоволен внес на витамини и минерали.

Како пациентите препознаваат дека имунитетот им е компромитиран? Најчести симптоми кои укажуваат на тоа дека имунолошкиот систем е ослабен се: чувство на замор и исцрпеност, алергии, чести инфекции и настинки, промени на кожата и уште многу други симптоми.
Со промена на животните навики кои ќе ни овозможат здрава исхрана, подобар сон, одмор и начин на кој ќе се справиме со стресот кој ни го носат секојдневните обврски, започнување со умерена физичка активност, на пр., пешачење 30 мин. дневно значително ќе повлијаеме врз подобрување на нашиот имунолошки систем. Но и покрај ова, уште има пациенти на кои им е потребна поддршка за подобрување на имунолошкиот систем, па тука на располагање ни стојат многубројни мултивитамински додатоци на исхраната кои ќе придонесат за соодветно функционирање на имунолошкиот систем. Она што треба да ви е важно кога одбирате додаток на исхранaта е тој да биде од проверена компанија која работи по строги стандарди, да содржи комбинација од витамини, билни екстракти и доколку содржи пробиотик, да биде таков што е карактеристичен за нашето поднебје. Во последно време доста популарна како имуностимулатор е Echinacea angustifolia – Ехинцеата.

Echinacea angustifolia е традиционално познато лековито растение на нативните северноамерикански Индијанци. Во 1930 година растението станува популарно и во Америка и во Европа како хербален лек за третман на настинка. Употребата како имуностимулативно средство што го поткрева неспецифичниот имунолошки систем и го заштитува организмот од инфекции е позната од поново време. Орална употреба на Ехинацеа се препорачува најчесто за настинки и инфекции на респираторниот тракт, најчесто во комбинација и со други билки како тахеба, мачкина шепа, грејпфрут, папаја и други витамини и минерали. Безбедна за употреба, достапна е во нашите аптеки, консултирајте го матичниот лекар или фармацевт за употребата.

Фото: Фрипик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје