Интересот за изучување на македонскиот јазик кај сегашните генерации, за жал, сѐ повеќе опаѓа. Искрено се надевам дека во иднина ова ќе се смени и ќе се зголеми популарноста на овој факултет. Студирањето и познавањето на мајчиниот јазик го облагородуваат младиот човек и воедно ни овозможуваат да го чуваме нашето јазично богатство, вели Ирена.
Ирена Спировска повеќе од две децении наназад се врзува со ТВ-водителството кај нас. Таа важи за една од најистрајните личности на македонскиот ТВ-етер, каде што има променето низа телевизиски станици и емисии и сѐ уште е една од најбараните водителки.
Родена и порасната во Скопје, Ирена паралелно со нејзините студии на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје почнала и со ангажман во Македонската радио-телевизија. И покрај тогашните редовни ТВ-обврски, таа успеала да го заврши факултетот на Катедрата за македонски јазик и јужнословенска книжевност.
- Интересот за изучување на македонскиот јазик кај сегашните генерации, за жал, сѐ повеќе опаѓа. Разочарувачки е податокот дека во оваа студиска година (2022/23) на Катедрата за македонски јазик се запишани само 16 студенти (вкупно редовни и вонредни). Искрено се надевам дека во иднина ова ќе се смени и ќе се зголеми популарноста на овој факултет. Студирањето и познавањето на мајчиниот јазик го облагородуваат младиот човек и воедно ни овозможуваат да го чуваме нашето јазично богатство - вели Ирена.
Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, ја навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.
Сите испити од прва година ги положив уште во јунската сесија
Иако учела средно медицинско училиште, Ирена никогаш немала голема желба и амбиција да се занимава со медицина. Таа била на отсекот забни техничари, а најголемиот плус од нејзиниот претстој таму е што се вљубила во латинскиот јазик и тоа било предуслов да се запише на Филозофскиот факултет, каде што подоцна се префрлила на Катедрата за македонски јазик и јужнословенска книжевност.
- Многу го засакав латинскиот јазик, па затоа по матурирањето се запишав на Факултетот за класични студии. Истовремено почнав да работам и како хонорарен соработник во Македонската радио-телевизија. Сите испити од прва година ги положив уште во јунската сесија, но со текот на времето моите обврски и ангажманите во телевизија почнаа да се зголемуваат, па не бев во можност да ги следам редовно предавањата од втора година. Поради специфичноста на мртвите јазици, како што се старогрчкиот и латинскиот, не постоеше можност за вонредно студирање на Факултетот по класични студии, па одлучив да се префрлам на Катедрата за македонски јазик и јужнословенска книжевност, за да можам да продолжам да работам и да студирам истовремено - додава Ирена.
Особено ги сакав предавањата на професорот Венко Андоновски
Поради тоа што паралелно студирала и работела, Ирена немала класичен студентски живот. Таа постојано била на релација дома – МРТВ - факултет, но сепак наоѓала начин да стигне секаде навреме и да ги заврши обврските, што според неа е клуч за успехот.
- Сите предмети ми беа еднакво интересни и инспиративни. Особено ги сакав предавањата на професорот Венко Андоновски. Најчесто учев ноќе, кога сѐ беше мирно и кога немав други обврски. Преку ден најмногу сакав да учам сама во библиотека, а со колегите често пиевме кафе за време на паузите и разменувавме заклучоци. Во тоа време трговскиот центар Мавровка беше особено популарен. Олеснителна околност беше што сѐ ми беше блиску. Зградата на МРТ е веднаш наспроти факултетот, што ми даваше можност да претрчам од работа на факултет или обратно. Со оглед на тоа дека студирав и работев, имав свој џепарлак и возев автомобил, па за мене студентскиот живот беше особено динамичен, забавен и исполнет - се присетува Ирена.
Последните три испити ги положила откако станала мајка
Со оглед на тоа што и додека студирала, Ирена ја ставала работата на прво место, факултетските обврски знаеле понекогаш да трпат. Згора на тоа, при крајот на студирањето таа се соочила со уште еден убав предизвик - мајчинството, така што го завршила факултетот учејќи за испитите со нејзината ќерка Зорица додека спиела покрај неа.
- Времето потребно да спремам испит зависеше од предметот што го подготвував, но и од моите работни обврски. Некогаш се случуваше за кратко време да спремам испит, а некогаш ми требаа месеци за да успеам да најдам време да го научам целиот материјал. Затоа и студирањето го развлеков малку повеќе, бидејќи работата ми беше на прво место. Во меѓувреме ја родив и мојата ќерка, па последните три испити ги положив кога Зорица беше бебе. Учев додека таа спиеше и го искористив тој период да ги завршам обврските со факултетот - раскажува Ирена.
Планинарењето ми беше омилено хоби, го искачив Триглав на 22 години
Фармерки, старки, кошула или блузон за на факултет, наспроти формалните високи потпетици и елегантни фустани за пред ТВ-екраните. На тој начин варирал стилот на Ирена за време на студентските денови. Таа тогаш интензивно се дружела со нејзините колеги, а по дипломирањето тие контакти малку избледнале. Сепак, преку социјалните мрежи успеале да се вратат.
- Имавме омилени места за излегување кои редовно ги посетувавме, како МНТ, „Хард рок“, „Кристијан“, „Панда“ и др. Журките во тоа време траеја до раните утрински часови, па често ги завршуваме одејќи на симит-погача во познатата пекарница „Фурна“ во Чаир. На факултет сите одевме скромно и пристојно облечени, како што му доликува на студент. Планинарењето ми беше омилено хоби за време на студентските години. Највисокиот врв во Југославија - Триглав (2.864 м.н.в.) првпат го искачив кога имав 22 години - завршува Ирена.
фото: Приватна архива