Мерките против ковид-19, како што се носење маски и одржување физичка дистанца, се покажаа како ефикасни и против грипот. Случаите на грип беа значително помали минатата зима поради пандемијата, а некои научници претпоставуваат дека еден од главните соеви на грип можеби изумрел поради ова.
Инфлуенца Б/јамагата е еден од четирите соеви што редовно циркулираат, но се чини дека тој целосно исчезнал како последица на мерките за намалување на ширењето на ковид-19, велат истражувачите. Според нив, не бил изолиран или генски секвенциран ниту еден случај од овој сој од март минатата година, а биле пријавени само 31 случај за кои се сомнева дека се од овој сој од последната сезона на грип.
Фото: Pixabay
Овој сој отсекогаш бил помалку заразен од другите големи соеви на грип и не еволуира како другите. Произведувачите на вакцини не морале да ја менуваат компонентата за сојот во годишната вакцина против грип од 2015 г.
Структурата на актуелната вакцина против грип вклучува четири соја: грип А/Х3Н2 (Хонгконг), грип А/Х1Н1 (свински), инфлуенца Б/викторија и инфлуенца Б/јамагата. Соевите на грип А имаат тенденција да бидат позаразни и се извор на смртоносни епидемии, додека грипот Б побавно се шири кај децата и тинејџерите.
Фото: Pixabay
Секоја година, научниците играат игра на погодување за да утврдат која генска верзија од соевите веројатно ќе биде најзаразна. Замената на делот во вакцината за сојот Б/јамагата со друг сој може да ја подобри ефикасноста на вакцината, сметаат истражувачите.
Доколку луѓето добијат вакцина против грип оваа година и се придржуваат до мерките за заштита од ковид-19, носат маски и се дистанцираат, постои шанса сојот Б/јамагата засекогаш да исчезне, велат истражувачите.
Извор:
Eklinika