X
 12.11.2018 Економија

Повисока плата од 700 до 1.500 денари ќе земаат наставниците од следната учебна година


Повисоки плати за 5% за вработените во образованието, здравството, градинките, одбраната, државната администрација, полицијата и правосудството од септември 2019 година, и 10% за лекарите специјалисти од јануари 2019 година најави министерот за финансии Драган Тевдовски на денешното презентирање на предлог-буџетот за 2019 година.

Зголемувањето на септемвриската плата од следната учебна година од 5%, за наставниците во основното образование во просек ќе значи за 700 денари повисока плата. Тие што работат во средните училишта, пак, во просек ќе добијат 1.500 денари повеќе. Оваа учебна година тие исто така ја почнаа со 5 отсто повисока плата.

- Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е најдобрите лекари граѓаните да ги бараат во јавното, а не во приватното здравство. Во буџетот за 2019 година имаме обезбедено и средства за покачување на платите во образованието, како и за вработените во градинките и детската заштита. Со цел градење поефикасна и помотивирана јавна администрација, планирано е покачување на 5% на платите на администрацијата од септември 2019 година - рече Тевдовски.


Фото: МИА

Тој објави дека ќе се воведе и образовен и детски додаток за повеќе од 60.000 деца. Целта на новиот систем на социјална и детска заштита е најголема помош да им се даде на најранливите категории граѓани.

Вкупните приходи во државната каса во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари.
Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2% на БДП. Стапката на инфлација треба да биде ниска и стабилна во 2019, и е проектирана на 2%. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето-плата за 4,5%, а стапката на невработеност да се намали на околу 20%.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија