X
 15.01.2020 Култура

Предвидувања за „Оскар“ 2020: Кои се фаворитите?

Вчера беа објавени номинациите за овогодишната престижна награда, а филмот „Џокер“ доби 11 номинации. Други филмови што добија поголем број номинации се „Беше еднаш во Холивуд“, јужнокорејскиот трилер „Паразит“ и продукциите на „Нетфликс“ - „Ирецот“ и „Брачна приказна“.

По сезона на награди која беше преплавена со критики за недостиг на номинации на жени и на луѓе од различни раси, филмската академија ја номинира Грета Гервиг за најдобар режисер за филмот „Мали жени“.

Најдобар филм

Филмовите за кои на големо се зборуваше оваа година се „Беше еднаш во Холивуд“ на Квентин Тарантино и „Ирецот“ на Мартин Скорсезе.

Но, двата филма ќе се натпреваруваат со силна конкуренција како „1917“, „Зајакот Џоџо“, „Мали жени“, „Брачна приказна“, „Паразит“ и „Форд против Ферари“.

Сем Мендез има предност поради тоа што неговиот филм „1917“ веќе освои „Златен глобус“.

Најдобар актер во главна улога

Хоакин Феникс, познат по неговиот неверојатен пристап кон глумење ликови, доби номинација за „Оскар“ за улогата во „Џокер“, која „Трибјун стар“ ја нарекува изведба на неговата кариера.

Номиниран е и Адам Драјвер за филмот „Брачна приказна“, кој ни ги прикажува последиците од одлуката за развод на едно семејство што го сака најдоброто за своето дете.

Номинирани се и шпанскиот актер Антонио Бандерас за „Болка и слава“, Џонатан Прајс за „Двајцата папи“ и Леонардо ди Каприо за „Беше еднаш во Холивуд“.

oskari

Најдобра актерка во главна улога

Рене Зелвегер има најголеми шанси да освои „Оскар“ во оваа категорија, вели „Голд Дерби“, кој спроведе анкета на 28 филмски критичари и новинари.

И покрај тоа што Рене доминира во оваа категорија, таа се соочува со прилично голема кон конкуренција - Скарлет Јохансон за „Брачна приказна“, Шарлиз Терон за „Тие се бомби“, Сирша Ронан за „Мали жени“ и Синтија Ериво за „Хариет“.

Најдобар режисер


„Ирецот“ му донесе номинација на Скорсезе и го стави повторно во центарот на вниманието, а „Трилист“ го опишува како господар кој се враќа во жанрот за неговото најново дело, експериментирајќи со амбициозна технологија и изведувајќи самостојно испитување на процесот.

Но, други мислат дека 2020 година е година на Тарантино, кој никогаш не добил „Оскар“ за најдобар режисер, а сега е номиниран за „Беше еднаш во Холивуд“.

Сем Мендез, кој пред 20 години освои „Оскар“ за најдобар режисер за филмот „Американска убавина“, доби номинација за епскиот филм од Првата светска војна - „1917“ и тој има реални шанси да ја освои наградата.

Другите номинирани во категоријата го вклучуваат јужнокорејскиот режисер Бонг Џон Хо за „Паразит“, кој доби огромни пофалби, и „Џокер“ на Тод Филипс.

Најдобар актер во споредна улога

„Пит. Пеши. Пачино“, вели „Трилист“.

Некои велат дека местото на Пит не е во оваа категорија, туку во категоријата за најдобар актер во главна улога. Меѓутоа, голем број од критичарите сметаат дека вака било направено за да не се судрат Пит и Ди Каприо во истата категорија.

Како и да е, Пит има вистински предизвици со кои ќе мора да се соочи, а тоа се актерските ветерани Џо Пеши и Ал Пачино во „Ирецот“, Том Хенкс во „Убав ден во соседството“ и Ентони Хопкинс во „Двајцата папи“.

Најдобра актерка во споредна улога


Ако се водиме според обложувачниците, предводник во оваа категорија е Лора Дерн за нејзината улога како семеен адвокат во „Брачна приказна“.

Но, таа има силна конкуренција од Маргот Роби номинирана за „Тие се бомби“. Роби глуми измислен лик инспириран од некои жени од реалниот живот кои успеаја да го соборат основачот на „Фокс њуз“, Роџер Аилс, за сексуално вознемирување.

Номинирани се и Кејти Бејтс за улогата во „Ричард Џул“, Скарлет Јохансон во „Зајакот Џоџо“ и Флоренс Пју во „Мали жени“.

Најдобар директор на фотографија

Прилично конкурентна година за оваа категорија, но најголем фаворит за освојување на наградата е кинематограферот-ветеран Роберт Ричардсон за „Беше еднаш во Холивуд“.

Сепак, „Холивуд рипортер“ вели дека Ричардсон има прилично голема конкуренција во Родриго Прието за „Ирецот“ и Лоренс Шер за „Џокер“.

Роџер Дикинс е номиниран за „1917“. Кинематограферот досега бил номиниран 14 пати во оваа категорија, а освоил само еден „Оскар“ за „Истребувач 2049“ во 2017 година.

Номиниран е и Џарин Блашке за „Светилник“, психолошки хорор-филм за двајца чувари на светилник кои се обидуваат да го задржат разумот додека живеат на оддалечен и мистериозен остров во 90-тите години на 19 век.

Најдобро адаптирано сценарио

Филм што води во оваа категорија е „Ирецот“, чие сценарио е адаптирано според книгата на Чарлс Бранд, и „Зајакот Џоџо“, базиран на книгата на Кристин Леуненс.

И „Мали жени“ доби номинација. Новиот филм на Грета Гервиг е седма филмска адаптација на класикот на Луиза Меј Олкот.

„Џокер“ и „Двајцата папи“ се другите два номинирани филма во оваа категорија.

Најдобар документарец


„Американска фабрика“ ви ги отвора очите за разликите помеѓу американските и кинеските работници во фабриките. Во оваа категорија е номиниран и документарецот на „Нетфликс“ - „Работ на демократијата“, кој ги следи лидерите на Бразил додека се занимаваат со својата идеолошки поделена земја.

„Пештерата“ ја раскажува приказната за сириската војна и за цивилите што се нејзина жртва.

„За Сама“ исто така ја раскажува приказната за сирискиот конфликт, фокусирајќи се на женското искуство во војната. Ваад ал-Катеаб се заљубува, се мажи и го раѓа бебето Сама - додека околу неа се води војна.

„Медена земја“ ја следи Атиџе Муратова, една од последните пчеларки во Бекирлија, оддалечено село во Македонија.

- Воведните минути во „Медена земја“ се неверојатни - возвишени, чудни и полни со човечка и природна убавина каква што досега не сум видел на филм - вели А. О. Скот во „Њујорк тајмс“.

Најдобар анимиран филм


„Господин Линк“, „Приказна за играчките 4“ и „Клаус“ се меѓу номинираните за најдобар анимиран филм.

„Како да го тренираш твојот змеј: Скриениот свет“ исто така доби номинација и се смета за фаворит.

Номиниран е и „Го изгубив моето тело“, анимиран филм што Питер Дебруг од „Варајати“ го нарече еден од најоригиналните и најкреативните анимирани филмови што некогаш ги гледал.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура