X
 31.12.2017 Технологија

Што нѐ чека по „ајфон Х“?

Што носи иднината и во која насока се движи технологијата? Тоа се прашања што често си ги поставуваме. Особено е видлив развојот на паметните телефони. Новинарите на „Мекворлд“ ги навеле предвидувањата на некои аналитичари во однос на тоа каде ќе се движат работите идната година.


„Епл“ следната година ќе го лансира моделот „ајфон ХС плус“, кој ќе има големина од 6,5 инчи. Потоа би пристигнал и моделот „ХЕ“ во 2020 година, а би имало развој и на батеријата и на полнењето.

Технологијата на батериите секој ден е сè подобра, а произведувачите продолжуваат да вметнуваат компоненти кои бараат многу енергија во сè помали рамки, така што издржливоста на батеријата да биде речиси еднаква како и кај претходните модели.

Комбинацијата на скапи и кршливи материјали навистина им предизвикува многу главоболки на сопствениците на „ајфон“. Затоа мора да одлучат дали да стават заштитна маска и да го покријат дизајнот или да ризикуваат да им се оштети. Ова би можело да стане минато поради издржливите материјали што би се користеле во моделите од 2020 година.

Екранот, пак, е главен адут на „ајфон“. Иако „Епл“ нема обичај да создава екрани со најголема резолуција, сепак екраните имаат солидна острина. Според предвидувањата, за моделите „плус“ компанијата би вградила екрани од 6,4 инчи, а за стандардните 5,8.

Што се однесува до камерата, од „Епл“ имаат план да направат систем за кршење на светлината доволно компактен за да се вметне во „ајфонот“, па тоа би довело до поквалитетни фотографии, особено во ноќни услови. Тука се споменуваат и променливите леќи, кои со помош на модул би се поставиле во „ајфон“ или „ајпад“.

Уште во 2016 година од компанијата пријавиле патент преку кој се гледа дека се размислува за сигурносна поставка која би ги складирала биометриските податоци на лицето што би се обидело да го украде телефонот. Тука е и патентот кој би се користел за да ги заштити сопствениците на уредот кога се во опасност. Мобилниот телефон со помош на сензор би утврдил кога корисникот се наоѓа во опасност поради физички напад или сообраќајна несреќа, па самиот би испратил повик за помош. Од компанијата пријавиле и патент со кој телефонот би исфрлал вода низ отворите од звучниците. Се зборува и за сензор кој би го анализирал воздухот или течност. Така, на пример, сопствениците би биле предупредени на некои опасни течности и гасови.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија