X
 08.01.2023 Култура

Како настанала книгата „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс?

Во мај 1843 година Чарлс Дикенс бил поканет на добротворна вечера за помош на амбулантата „Чартерхаус сквер“, која се грижела за постари, сиромашни мажи.

За да биде иронијата поголема, повеќето од гостите биле многу богати мажи кои своето богатство го стекнале во градот Лондон.

Дикенс му напишал презирно писмо на својот пријател Даглас Џеролд, опишувајќи ги како лигави и апоплектични.

Авторот горел од желба да донесе вистински промени во општеството.

Тој бил уништен кога го прочитал парламентарниот извештај за детската работна сила во Велика Британија од 1843 година, напишан од револуционерниот лекар Томас Саутвуд Смит, и имал намера да напише памфлет наречен Апел до народот на Англија, во име на децата од сиромашните семејства, потпишан со неговото име.

Наместо тоа, тој решил да напише нешто што ќе им го привлече вниманието на луѓето, нешто што ќе „удри како чекан“ во име на сиромашните деца и ќе биде дваесет илјади пати посилно од политички памфлет.

Во октомври 1843 година Дикенс отпатувал во Манчестер за да одржи говор за поддршка на „Атенхаум“, едукативна добротворна организација за мажи и жени. Неговата постара сестра Фани живеела во Манчестер со нејзиниот сопруг Хенри Барнет и нивните два сина Хари и Чарлс.

Кога Дикенс ги посетил, видел со какви тешкотии се борел неговиот братучед Хари како дете со хендикеп. Ова го навело да размислува за реалноста на животот на сиромашните деца со попреченост.

Токму неговиот братучед Хари бил инспирација за малиот Тим.

(За жал, за разлика од неговиот измислен еквивалент, Хари Барнет не преживеал - и покрај напорите на неговиот вујко да им плати на лекарите за да го спасат.)

Шетајќи низ Манчестер, Дикенс се згрозил од глетката на изгладнети семејства на улиците. Сиромаштијата во Манчестер по Индустриската револуција била ужасна. Тој период бил наречен „Гладните 40-ти“.

Велика Британија минувала низ економска криза, невработеноста експоненцијално растела, две последователни жетви беа неуспешни, а секојдневната храна за многумина била недостапна.

Говорот на Дикенс во „Атенхаум“ на 5 октомври бил страстен повик за реформи. Навреден од она што го видел, неговите зборови гореле од гнев и чувство на немоќ. Бил лут што високата класа на богати, привилегирани луѓе изгледала решена никогаш да не го дели богатството со оние на кои им е најпотребно. Неговиот говор бил пренесен од сите весници низ земјата.

Кога Дикенс се вратил во Лондон, знаел дека мора да напише нешто што ќе биде доста важно.

приказна
Фото: Wikipedia

Првото познато споменување на „Божиќна приказна“ било во писмото до шкотскиот академик Меквеј Непиер, на 24 октомври.

- Се фрлив на мал проект и ангажирав илустратор да почне да работи на него - му пишува Дикенс на Непиер.

Илустраторот бил големиот пријател на Дикенс, Џон Лич, кој подоцна станал прилично познат карикатурист.

Дикенс пишувал шест недели. Книгата ја завршил на 2 декември, но наместо да почувствува олеснување, бил под стрес и во паника поради финансиски проблеми.

Неговата банкарска сметка бил во минус, а неговите издавачи, Чепмен и Хол, сметале дека романот е чуден. Неговиот тогаш актуелен роман „Мартин Чазлвит“ ги загубил читателите по објавувањето на продолженијата, а издавачите почнале да ја губат довербата во својата најголема ѕвезда. Поради ова, тие одбиле да ги платат сите трошоци за објавување на „Божиќна приказна“, па Дикенс морал сам да го плати остатокот.

Кога книгата била пуштена во печат, Дикенс не бил задоволен од тоа колку малку труд вложиле Чепмен и Хол за да го рекламираат.

Но, набрзо тие зажалиле за нивната недоверба. Романот „Божиќна приказна“ остварил огромен успех, а во 1844 година Чарлс Дикенс преминал во ривалската издавачка куќа „Бредбери и Еванс“.

„Божиќна приказна“ бил објавен на 19 декември 1843 година и верно го доловил духот на времето. Со години луѓето чувствувале носталгија за тоа како се славел Божиќ во минатото.

Исто така, заплетот нагласувал како Божиќ ја изгубил својата цел, како време на милосрдие и дарување. Зачудувачкиот и непосреден успех на романот го изненадил дури и нејзиниот автор.

На 19 декември биле објавени 6.000 примероци, а на Бадник Дикенс добил писмо од „Чепмен и Хил“.

- Бидејќи нарачките забрзано пристигнуваат од градот и земјата, наскоро ќе биде неопходно повторно да се испечати.

prikazna
Фото: Wikipedia

Сосема случајно, 1843 година била и годината во која била испечатена и првата божиќна честитка што се нашла на слободниот пазар. Всушност, идејата за честитката била на државниот службеник Хенри Кол, кој немал време да пишува долги божиќни писма. Тој испечатил 1.000 разгледници, а вишокот почнал да го продава.

Ова помогнало да се појави нова модна страст за време на Божиќ.
Книгата е позната низ целиот свет, а Дикенс ја искористил како платформа за своите мислења за општеството.

На почетокот на книгата, Ебенезер Скруџ вели дека сиромашните луѓе кои не можат да работат треба да умрат и така да се намали прекумерниот број на жители. Дикенс со зборови го кажал она што верувал дека голем дел од неговите читатели го мислат за сиромашните.

Овие зборови почнале да го прогонуваат Скруџ и тој на крајот се срами затоа што ги сметал луѓето за безвредни.

Она што Дикенс верувал дека е суштината на „Божиќна приказна“ често се изоставува од адаптациите.

Кога Духот на божиќното минато почнува да старее и бледнее, Скруџ забележува нешто под облеката на духот.

Тој мисли дека тоа е канџа од животно, но всушност тоа е слаба човечка рака: „Две деца: бедни, грозни, страшни се залепиле за надворешната страна на облеката. Момче и девојче. - Духу, дали се твои? - Скруџ не можеше да каже повеќе од тоа. - Тие му припаѓаат на човекот - рече духот гледајќи ги одозгора. - Ова момче е Незнаење. Оваа девојка е Неопходност. Пазете се од двајцата и од сè што прават.

Ова била главната причина на Дикенс да ја напише „Божиќната приказна“. Тој сакал неговите читатели да разберат дека ако продолжат да им ги скратуваат на сиромашните деца основните животни потреби како храна, засолниште, топла облека, здравствена заштита и образование, тие ќе пораснат во опасни, насилни возрасни луѓе.

Извор: ВВС
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура