Ако Бил Гејтс знае нешто покрај технологијата, тоа се книгите. Основачот на „Мајкрософт“ посветува најмалку еден час дневно на читање - резултатот е 50 прочитани книги годишно. Така што кога Гејтс ви препорачува книга, можете да претпоставите дека знае за што зборува. Кога ќе каже дека милиони луѓе треба да прочитаат една книга, тоа навистина кажува нешто.
„Ова е една од наједукативните книги што сум ги прочитал некогаш“, вели Гејтс во јутјуб-видео. „Покрива информации за вселената што не се лесни за учење. Светот ќе стане подобро место за живеење ако милион луѓе ја читаат книгата. Ја давам највисоката препорака“, вели тој.
Книгата за која зборува Гејтс е „Factfulness: Ten Reasons We're Wrong About the World - and Why Things Are Better Than You Think“ и јасно е дека станува збор за една од најомилените книги на Гејтс за април 2018 година. Авторот, Ханс Рослинг, бил шведски статистичар, глобален експерт за здравје и пријател на Гејтс. Книгата била објавена постхумно, со мала помош од синот на Рослинг, Ола и снаата Ана.
Книгата нуди нов поглед на светот, илустрирајќи зошто вашиот живот е подобар отколку што се чини. Рослинг ја негира идејата светот да биде поделен на развиен и се развива. Во реалноста, многу е посложено и покомплицирано. Рослинг сугерира лесен начин за набљудување на богатството во светот, со тоа што го дели на четири нивоа:
Ниво 1 (1 милијарда луѓе) - преживувате со помалку од 100 денари дневно и шетате боси. Вашата храна ја приготвувате на отворен оган и поголемиот дел од денот го поминувате барајќи вода. Вие и вашите деца спиете на валкан под во текот на ноќта.
Ниво 2 (3 милијарди луѓе) - преживувате со помеѓу 100 и 400 денари дневно и можете да си купите чевли, а можеби и велосипед, така што не ви е потребно многу долго за да најдете вода. Вашите деца одат на училиште. Вечера правите во рерна, а вашето семејство спие на душек.
Ниво 3 (2 милијарди луѓе) - преживувате со помеѓу 400 и 1.600 денари на ден и имате вода и фрижидер во вашиот дом. Можете да си дозволите мотор за да патувате полесно. Вашите деца одат на училиште и завршуваат средно.
Ниво 4 (1 милијарда луѓе) - ако трошите повеќе од 1.600 денари дневно, тогаш спаѓате тука. Имате најмалку средно образование и можете да си дозволите автомобил и одмор одвреме-навреме.
Накратко,
книгата служи како средство за борба против нашите вродени предрасуди. Книгата може да ви помогне да видите дека напредокот се случува во целиот свет, работите не се толку лоши како што изгледаат, а животот станува подобар.