Заштитата на животната средина подразбира збир на постапки и преземени мерки кои спречуваат нејзино загрозување со цел да биде обезбедена нејзината одржливост. Преку одржливоста на животната средина, која всушност подразбира способност за одржување на биолошките аспекти во нејзината продуктивност и разновидност, се постигнува зачувување на природните ресурси.
Енергијата од страна на научниците е дефинирана како способност за вршење работа. Додека, пак, усовршувањето и унапредувањето на човековите капацитети при менувањето на енергијата од една во друга форма, притоа користејќи ја истата за вршење работа, резултира со воспоставување на модерната цивилизација. Постојат различни форми на енергија, таа може да постои во форма на топлинска, светлинска, електрична, хемиска, гравитациска, во форма на движење или во други различни форми. Сите форми на енергија се зачувуваат на различни начини и ни претставуваат извори на енергија кои ние секојдневно ги користиме. Пред сè, важно е да се напомене дека на планета Земја имаме два извора на енергија според нивната употреба и екстракција кои можат да бидат обновливи и необновливи.
Необновливите извори на енергија се широко користени извори на енергија во светот, тие се наоѓаат во природата на ограничен начин. Претставуваат група на необновливи ресурси која откако ќе биде еднаш искористена и исцрпена од Земјата, нема можност за нејзино брзо обновување, процесот на регенерирање е премногу бавен во однос со животниот век на човекот.
Обновливата енергија е енергија добиена од природни извори кои континуирано се надополнуваат и не се доведуваат до стадиум на нивно исцрпување. Обновливите извори на енергија претставуваат неисцрпни извори на енергија од природата. Тие, всушност, се неисцрпни по времетраење, но ограничени во количина на енергија што е достапна по единица време. Обновливите извори на енергија претставуваат извори кои постојано се обновуваат во одреден временски интервал, целосно или делумно, користејќи природни ресурси, притоа со нивното постоење и користење не оставаат непосакувани траги врз животната средина.
Големиот светски ум, еден од најзначајните изумители во полето на електротехниката и радиотехниката, српскиот научник Никола Тесла, своевремено окарактеризиран како човек од иднината, рекол: „Енергијата добиена со разорување на природните елементи е злосторство против природата и ќе предизвика катастрофа“.
Природните извори на енергија, како што се сончевата енергија, ветерот, водата, биомасата и геотермалните ресурси, претставуваат основни обновливи извори на енергија.
Обновливите извори на енергија се експлоатираат со цел да се произведе електрична, топлинска и механичка енергија. Во процесот на производство на енергијата најзначаен е моментот кој ни овозможува создавање на енергија без негативни последици врз животната средина, притоа емисиите на јаглеродниот диоксид да бидат намалени или редуцирани.
Примарни цели за користење на обновливите извори на енергија се:
• зачувување на животната средина;
• зголемување на одржливите енергетски системи и
• создавање и одржување на енергетската независност;
Сонцето претставува најголем извор на обновлива енергија, а сончевата енергија е најзастапена од сите енергетски ресурси. Оваа сјајна топка главно се состои од водород и хелиум. Сонцето всушност директно или индиректно е извор на речиси целата енергија на Земјата, оваа енергија доаѓа како резултат од нуклеарните реакции во неговиот центар каде што се достигнува температура до 15 милиони Целзиусови степени. Енергијата добиена преку овој процес се шири во универзумот во облик на светлосна и топлинска енергија, но само мал дел доаѓа до Земјата каде што се претвора во други видови енергија.
Сознанието дека Сонцето значи живот е старо колку и човештвото, животот на Земјата едноставно не би бил возможен без него. Преку создавањето оптимални климатски услови на планетата, Сонцето овозможило создавање и одржување на првите облици на живот, а подоцна и на цели екосистеми. Првото искористување на Сонцето датира од седмиот век на нашата ера кога човекот користел лупи за да запали оган со помош на сончевите зраци.
Поради неограничените количини на енергија од сончевото зрачење и сѐ поизразените енергетски потреби на човекот, односот кон сончевата енергија денес е многу пософистициран во споредба со минатото. Сончевата енергија ја примаме во форма на светлина и топлина, а по конверзија во различни сончеви системи може да се искористи за добивање топлинска или електрична енергија. Тие, всушност, претставуваат корисни форми на енергија, а електричната енергија претставува најкорисен облик на енергија за човештвото денес.
М-р Бојан Максимов
Директното искористување на сончевата енергија може да се спроведе на следните начини:
• со помош на соларни панели или колектори;
• концентрирање на сончевата енергија и
• соларни ќелии;
Искористувањето на сончевата енергија преку соларните панели или колектори резултира со претворање во топлинска енергија и во повеќето случаи таа се користи за загревање на вода. Под концентрирање на сончевата енергија се подразбира насочување на сончевите зраци со помош на огледално поле до една точка каде што течноста се загрева на висока температура и вака загреаната течност се користи за производство на електрична енергија. Всушност, ова е основниот начин на работа кај соларните централи. Додека, пак, благодарение на соларните ќелии, сончевата енергија директно се претвора во електрична енергија.
Исто така, треба да се спомене дека сончевата енергија е и главен извор на енергија за сателитите и вселенските сонди по нивното лансирање. Притоа се подразбира дека најчесто соларните ќелии се користат во комбинација со батерии за да се избегне прекин на електричната енергија во моменти кога сателитот или вселенските сонди не се во позиција од која може да се види Сонцето.
Водејќи се од реалната потреба на денешницата за зачувување на животната средина преку користење на изворите на енергија кои не предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина со нивната експлоатација, можеме да кажеме дека сончевата енергија претставува чист извор на енергија. Следејќи го средниот годишен интензитет на сончево зрачење, Република Северна Македонија е рангирана како држава со голем сончев потенцијал. Овој податок сам по себе ни наметнува да размислуваме за можностите за искористување на сончевата енергија, нејзината ефикасност и економичност. Сосема е сигурно дека сончевата енергија во иднина ќе се користи сѐ повеќе и повеќе бидејќи научните истражувања ни покажуваат дека таа е безбедна, бесплатна и најмалку штетна за животната средина.
Автор: м-р Бојан Максимов, докторанд по инженерство за заштита на животна средина