X
 03.08.2018 Култура

На Јапонија ѝ недостига работна сила - еве што им нуди на работниците освен платата

Стареењето на населението, недостатокот на работна сила и другите демографски промени во Јапонија ги принудиле компаниите да го менуваат начинот на кој привлекуваат, но и задржуваат работници, вклучувајќи пакети со разни погодности и придобивки.

Мискаи Харада сака да даде отказ од нејзиното работно место како рецепционерка во компанија за управување со ресторани во Токио и да се префрли во одделот маркетинг, во компанија за производство на облека.

Меѓутоа оваа 24-годишна девојка вели дека бара повеќе од само добра плата. Нејзините идни работодавци треба да го подобрат квалитетот на нејзиниот живот, вели таа.

-Ако ме прашате дали повеќе сакам повисока плата или пофлексибилно работно време, би избрала пофлексибилно работно време. Сакам наскоро да стапам во брак и да основам семејство. Сакам да бидам сигурна дека ќе имам време што ќе можам да им го посветам на своите деца - вели таа.

јапонија

Бидејќи јапонското население се намалува, компаниите таму се принудени да го менуваат начинот на кој ќе привлечат работници.

Во Јапонија, на секое лице што бара работа му припаѓа 1.62 работно место, што претставува најголема побарувачка за работна сила во повеќе од 44 години.

Стапката на невработеност изнесува 2.4 отсто, што е близу најниското ниво во 25 години.

Она што сега работодавците го нудат, освен платата, е и флексибилното работно време, особено бенефициите како покривање на трошоците за живот.

Ваквите бенефиции, вообичаени во САД и Европа, штотуку започнаа да се воведуваат во Јапонија, која и понатаму се потпира на културата на целосна посветеност на работодавецот во замена за сигурност на работа и стабилно зголемување на платата.

На пример, „Тојота“ оваа година отвори дневен престој што работи 24 часа за работниците кои работат во смена во фабриките, во близина на своето седиште.

-Јапонските компании стануваат пофлексибилни по тоа прашање - кога и каде работите - вели Тошиаки Матсумото, извршен директор во консултантската компанија за човечки ресурси.

Некои компании нудат бесплатна храна или субвенциониран наем на простор за живеење за на работниците да им го скратат времето на патување на работа. Некои дури и овозможуваат советување и слободни денови за паровите кои се обидуваат да добијат дете.

Бројот на работоспособни лица во Јапонија бил на врвот во 1995 година, на околу 87 милиони, а се проценува дека ќе падне на 45 милиони до 2065 година. Компаниите кои бавно реагираат на ваквите демографски промени се најтешко погодени.

Да се задржат работниците, а не само да се фрлат пари за да се отстрани проблемот, е уште еден клучен дел од сложувалката, велат експертите.

-Мојот нов работодавач ме плаќаше повеќе, но работното време беше ужасно. На почеток бев незадоволен. Сега компанијата ми овозможи флексибилно работно време и слобода повремено да работам од дома, така што се чувствувам многу подобро во однос на работата - вели Даисуке Окамото.

„Даикисангјо“, компанија што склопува трупови и крила на авиони како „Боинг“, имала проблеми со задржување на новите вработени, па вовела програма за менторство.

-Повеќе не станува збор само за парите. Вработените сакаат да работат во позитивна работна средина со добри колеги - вели Цуоши Сасо, менаџер во компанија за вработување работници во производство, „Интерворкс“. ж

Промена во работната сила

Странските работници може да помогнат во пополнување на недостатоци, и сочинуваат два отсто од сегашната работна сила, а компаниите што вработуваат нискоквалификувани работници, како оние во земјоделството, мора да се потпираат на обука во рамките на програмата за стажирање во траење до пет години.

Владата објавила дека ќе создаде нови категории за странски квалификувани работници, но ќе издаде само мал број на вакви визи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура