Потребно е многу за човек да научи што е љубов. Не се големите работи, туку малите кои значат и се повеќе од доволно. Не постои ден а да не помислам на тебе - ти која секогаш ме водиш и насочуваш кон успехот.
Твојата љубов е како река, мирна и длабока, а твојата душа е како тајна која никогаш не сум знаела да ја чувам затоа што е премногу искрена за да биде сокриена. Кога ќе погледнам во твоите очи знам дека Бог сигурно се потрудил малку повеќе за да те создаде онаква каква што си, затоа што не познавам никој кој ја има таа топлина кога ќе се насмее; понекогаш си толку строга, а истовремено толку нежна и топла.
Ти си небото кое ги држи облаците и сонцето, ти си дамата во нашиот дом, мојот најголем фан и поддржувач во се` она што се осмелувам да бидам. Не постои побезбедно место од твојата прегратка. Ти си светлината која го осветлува домот во кој пораснав. Кога сум изгубена во бурата знам дека во твоите очи можам да пронајдам светлина која ќе ми го осветли патот. Кога сум исплашена, кога мојот свет се руши, кога губам волја да успеам, ти си таа која е секогаш покрај мене и која ме бодри, охрабрува и штити.
Низ годините, додека бев млада ми покажа како да пораснам и ми го покажа сето она што требаше да го знам. Ме научи како да одам без твоите раце, ме гледаше додека растам. Како што деновите поминуваат се` повеќе посакувам и јас да бидам исто толку совршена мајка за моите деца како што си ти за мене.
Секогаш сум среќна кога ќе видам насмевка на твоето лице, и сакам да ти заблагодарам за се` она што си го направила за мене - се надевам дека еден ден ќе успеам да ти ја дадам сета љубов и да бидам совршена ќерка. Многу често мислам дека безусловната љубов е еден вид на мит, меѓутоа ти си единствената причина поради која знам дека е нешто вистинско кое имал среќа да го доживее секој оној кој знае колку е силен и моќен зборот мајка.
И запомни - за светот можеби си само уште една мајка, но за мене си целиот свет