Средношколците од едно белградско средно училиште организираа хуманитарна акција со која сакаат да соберат пари за целиот клас да оди на екскурзија. Како што велат учениците, неколку нивни соученици не се во можност да одат поради финансиски причини, па затоа одлучиле да ги преземат работите во свои раце и да го решат проблемот, нудејќи цела палета на услуги.
Фејсбук-статусот ви го пренесуваме во целост:
„Драги другари,
Моето одделение и јас организираме хуманитарна акција и би било одлично доколку сакате да се приклучите.
Имено, на почетокот од септември би требало да тргнеме на матурска екскурзија и би сакале да одиме сите заедно. Сепак, неколку ученици не се во можност да дојдат со нас поради финансиски причини, а еден гратис што го добиваме од агенцијата не ни е доволен за да го решиме проблемот. Затоа, одлучивме до јуни сами да заработиме пари нудејќи цела палета на услуги!
Внимавајте сега:
1. Ако работите во големите канцелариски згради во близина на Ушче, ГТЗ и Сава центар, а ви е потребен „потрчко“ кој би ви донел кафе, би отишол до поштата и така натаму, имаме 32 волонтери.
2. Ако на вашите компании им се потребни работници за време на викендот, имаме 13 седумнаесетгодишни волонтери.
3. Ако во текот на вечерните часови ви е потребно чување на вашите деца, на располагање имате 19 совесни, вредни и весели девојки.
4. Ако на вашите деца им е потребна помош во совладување на материјалот од основно училиште, нудиме часови по математика, српски јазик, физика, хемија, англиски и германски јазик на територијата на Нов Белград (препорака од класниот раководител: имаме „бубалици“ за секоја материја - средна оценка на одделението е 4,23).
5. Ако славите роденден или ви е потребен кетеринг во вид на сите видови колачи, торти, кифлички, кнедли, сендвичи и салати, покрај децата имаме и над 30 мајки и баби, така што гарантираме дека не постои гастрономска желба што не можеме да ја реализираме.
6. Ако сте расположени за дегустација, повикајте нè да ви донесеме домашни колачиња, кафе и чаеви во канцеларијата. Ќе бидете воодушевени.
Ако имате уште некоја работа што би можела да ви ја заврши еден гимназијалец или гимназијалка или повеќе, јавете се.
Драгана Можек“.