X
 08.03.2020 Образование

Кина им препорача на универзитетите да намалат со објавувањето меѓународни научни трудови

Министерството за образование и министерството за наука и технологија во Кина неодамна објавија документ со кој се препорачува намалување на прекумерното објавување меѓународни научни трудови во СЦИ (SCI - Science Citation Index) за академска промоција, понуди за работа и доделување средства за истражување.

Оваа промена веројатно ќе предизвика намалување на бројот на меѓународни публикации со оглед на тоа што Кина во последните години е втора земја по најголем број истражувања објавени во меѓународни списанија. Промената може да предизвика и пад на кинеските универзитети на ранг-листите со најдобри универзитети, велат експертите.


Фото: Pixabay

- Универзитетите им посветуваат премногу внимание на меѓународните истражувања и за некои стана приоритет да се има многу објавени трудови во СЦИ - стои во водичите објавени од двете министерства во февруари.

СЦИ било едно од најглавните референтни списанија што се користат во Кина околу две децении. Футао Хуанг, професор по високо образование на Универзитетот во Хирошима, Јапонија, вели дека промената може да предизвика огромни промени во системот за евалуација на истражувањата спроведени во Кина.

Оддалечувањето од меѓународните истражувања првин било претставено од претседателот Си Ѓинпинг на образовна конференција во 2018, кога тој кажал дека академските стандарди во високото образование не смеат да бидат водени од западни идеи и стандарди. Тој посочил дека Кина треба да има сопствени академски стандарди и норми наместо да се води по меѓународните норми.


Фото: Pixabay

По претставувањето на водичот, министерството за образование побарало од универзитетите и истражувачките институции да подготват планови за имплементирање на промената.

Според новините, научниците ќе може да објавуваат трудови во меѓународни списанија, но истражувањата што се појавуваат во помалку влијателни списанија нема да добиваат финансии од државата. Згора на тоа, универзитетите нема да смеат да бараат референции од списанија објавени во СЦИ кога ќе вработуваат нови лица.

Академските институции нема да можат да ги наградуваат индивидуалците врз основа на нивните истражувања објавени во ова списание, а за дипломците нема да биде задолжително користењето трудови од списанието. Владата ќе работи на кинески индекс за научно цитирање со „кинески карактеристики и меѓународно влијание“.

Извор: Universityworldnews.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование