08.03.2024
Живот
Неврологот д-р Марија Бабуновска доби Меѓународна Медис награда за медицински истражувања
Во Националната галерија на Словенија во Љубљана беа прогласени победниците на Меѓународните Медис награди за медицински истражувања, кои десетта година по ред ги наградуваат извонредните истражувачки достигнувања на лекари и фармацевти од Централна и Југоисточна Европа. Меѓу деветте победници годинава е и д-р Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската клиника за неврологија, со нејзиниот научен труд „Фрактури кај лица со епилепсија: Кохортна студија базирана на национално ниво“ објавена во научното списание „Epilepsia Open“. Студијата на неврологот Бабуновска истражува голема, национална група на пациенти со епилепсија за да покаже дека истите имаат зголемена преваленца на фрактури на коските во споредба со oпштата популација.
-Целта на оваа студија е да обезбеди сеопфатни информации за коскени фрактури кај лицата со епилепсија кои можат да помогнат да се воспостави ефикасна превенција. Доброто менаџирање кај пациенти со епилепсија е многу повеќе од контрола на нападите. Иако добрата контрола врз нападите претставува ефективен начин за намалување на ризикот, сепак потребно е да се вклучат превентивни мерки за подобрување на здравјето на коските кај пациентите со епилепсија - ја објаснува студијата д-р Марија Бабуновска.
Добитници на 10. Меѓународни Медис награди се: д-р Дејвид Ј.М. Бауер (Австрија) од областа за гастроентерологија, д-р Габор Сабо (Унгарија) за гинекологија, д-р Никола Брадиќ (Хрватска) за интензивна нега и анестезиологија, д-р Марија Бабуновска (Македонија) во областа на неврологијата, д-р Маја Живковиќ (Србија) во областа на офталмологија, доц. д-р Гордана Букара-Радујковиќ (Босна и Херцеговина) за педијатрија, д-р Јуре Урбанчич (Словенија) за областа пулмологија и алергологија, д-р Ирина Гесл (Австрија) од областа за ревматологија, д-р Милена Анѓелковиќ, м-р фарм. (Србија) за фармацијата.
За Меѓународните Медис награди за медицински истражувања аплицираат доктори и фармацевти кои ги објавиле своите научно-истражувачки трудови во престижни научни публикации со импакт-фактор повисок од 1.500. Годинава пристигнаа 242 апликации од Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Словенија, Србија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора. 148 пријавени ги исполнија сите високи критериуми за номинации за Меѓународните Медис награди.
Извор: МИА