X
 22.06.2021 Образование

Измена на Законот за странци во Словенија: За да студирате таму ќе мора да имате 5.000 евра на сметка

Според амандман усвоен во март без знаење на јавноста, а кој се повикува на регулатива на ЕУ (на што од академската заедница се спротивставуваат, тврдејќи дека не постои европска директива која го наложува тоа), странските студенти во Словенија мораат да докажат постоење на финансиски средства во износ од нешто помалку од 5.000 евра за да добијат виза за една академска година, односно дозвола за престој во Словенија за таа година.

Досега на студентите помлади од 26 години им беше доволно само гарантно писмо од нивните родители, а сите останати и порано мораа да прикажуваат сума од нешто помалку од 5.000 евра на нивната сметка.

Слично е и во други европски земји, каде студентите мора да имаат одредена сума на пари која при одењето во земјата ја депонираат на нивна сметка, а потоа ја враќаат или проследуваат на некој друг, но словенечката администрација ќе се обиде да го задржи правото на повремена проверка на сметката во текот на годината, што само по себе е контрадикторно со оглед на тоа дека, доколку тие пари се за живот во текот на годината, износот не може да биде ист во септември при добивањето на студентската виза и влегувањето во земјата, и во јуни следната година, пренесува „Бука“.

Износот на средствата кои идниот студент мора да ги има на сметка доколку сака да добие дозвола за престој е нешто помалку од пет илјади евра за едногодишен период (месечно најмалку во износ на основниот минимален приход во Словенија, што од 1 август 2019 година е 402 евра). Ако се земе предвид колкави се примањата во Македонија, ова може да биде проблем за многу македонски ученици кои сакаат да студираат во Словенија.

-На Универзитетот во Љубљана сме многу критични кон оваа промена на законот, која ја сметаме за непотребна. Оваа промена ќе ја загрози интернационализацијата, која е една од стратешките цели на високото образование во Словенија. Ректорот на Универзитетот во Љубљана веќе најави протест. Јас како декан исто така посочувам на нелогичноста на оваа промена бидејќи на Филозофскиот факултет имаме многу странски студенти. Во најголема дилема се студентите кои веќе се тука и кои имаат уште година или две до завршувањето на студиите. Досега тие вложуваа многу во нивните студии, но сега поради непотребни бирократски пречки, сè може да пропадне. Со ваква политика си штетиме самите себеси. Не само што таквата политика е во спротивност со интернационализацијата, што е стратешка цел на високото образование во Словенија, овие пракси исто така ѝ штетат и на словенечката наука и истражувачката област. Така, правиме штета и за оние индустрии во кои има потреба за високообразовани работници. Имено, и самите себе си ја затвораме вратата - ако на странските студенти им е тешко да дојдат во Словенија, ниту нашите студенти нема да можат да одат во странство на семестар или два. Размената во програмите како Еразмус се заснова на взаемност. Сепак, се надевам дека ќе дојде до промени во толкувањето на законот - вели Роман Кухар, декан на Филозофскиот факултет во Љубљана.



Поради промените во процедурата за добивање на привремена дозвола за престој поради студии, словенечкото високо образование ќе ја претрпи најголемата штета, предупредија и од Студентската организација на Словенија.

-Изменетиот Закон за странци, кој поставува построги услови за добивање привремена дозвола за престој поради студии во Словенија, сигурно ќе има негативни последици врз словенчкиот образовен систем. Просторот на високото образование мора по дефиниција да биде отворен и слободен простор што пружа можности за размена и надградба на знаењето, со меѓународно отворен систем на високо образование, кој е еден од најефикасните начини за постигнување на таа цел. Според истражувањата на Еуростудент VI, просечните приходи на странските студенти во Словенија (аритметичка средина 595 евра, медијана 495 евра) се прилично слични со приходите на словенечките студенти (аритметичка средина 635 евра, средна вредност 500 евра). Во споредба со словенечките студенти, најголем дел од приходите кај странските студенти се од фамилијата (61% од приходите на странските студенти се од фамилијата, за словенечките студенти тој удел е 41%). Во споредба со словенечките студенти, помал удел од приходите на странските студенти се од работа (32% кај странските, 45% кај Словенците), но словенечките студенти и почесто се вработени, па имаат поголеми приходи од работа. 32% од словенечките студенти велат дека примарно работат, а секундарно студираат, а кај странските студенти тој удел е 20% - објаснува Андреј Пирјевец, претседател на Студентската организација на Словенија, меѓутоа проблем е и тоа што странските студенти плаќаат дупло данок на нивните договори за работа, па таа сума и поради тоа е помала.

Според Заводот за статистика на Словенија, моментално во таа земја студираат 8.125 странски студенти, што претставува околу 10 отсто од сите студенти во земјата, а најголемиот број странски студенти се од земјите од поранешна Југославија (околу 60%) и уште 20% од Хрватска, која припаѓа во ЕУ.

Габриел Бурагев, студент од Македонија кој веќе една година е во Љубљана, за „Бука“ вели дека за оваа академска година нема да му биде тешко да ги обезбеди парите бидејќи како студент работи во ИТ-секторот, но таа сума никако не би можел минатата година да ја однесе од неговата татковина. За студентите кои работат помалку платени рабори во услужните дејности и културата, 5.000 евра се многу.

Кон средината на 2018 година Словенија го продолжи билатералниот договор со Босна и Херцеговина за бесплатно студирање на државјани на БиХ во Словенија. Арман Фатиќ годинава дипломирал на додипломски студии на Филозофскиот факултет во Љубљана, а претходно неколку години живеел, работел и бесплатно студирал во Словенија.

-Мислам дека измената на законот најмногу ќе влијае врз студентите следната студиска година бидејќи законот е донесен од ведро небо. Верувам дека на многумина ќе им биде тешко сега да соберат пари бидејќи студиската година е за помалку од три месеца, поради коронавирусот бројот на работни места е многу помал, а моментално е и испитна сесија. Тоа е многу стрес за некој кој веќе со таа студентска работа, која е дупло оданочена за нас странските студенти, морал самостојно да ги покрива трошоците за престој и живот во Словенија. Не сум сигурен како ќе снајдат многумина во овој прв бран, верувам дека многумина ќе мораат да позајмат пари или со фамилиите да изнаоѓаат начин како да го соберат тој износ кој мора да биде на сметка. Сепак, она во што верувам и што знам е дека студентите кои доаѓаат во Словенија од регионот се внимателни и упорни и дека веќе до следната година нештата ќе се средат. Со студентската работа од 20-25 часа неделно можеше пристоно да се живее, но со овие нови одредби веројатно многумина ќе почнат да живеат малку поскромно и ќе си скратат некои нешта, или ќе работат 5-10 часа неделно повеќе отколку досега - вели Фатиќ.



На прашањето како се чувствува поради новиот закон, со оглед на тоа дека веќе некое време му припаѓа и придонесува за словенечкото општество, Марија Јеремиќ, студентка од Србија, вели дека се чувствува отфрлено бидејќи во Словенија живее од 17 години, цело време продолжувајќи ја визата за привремен престој за една година.

Таа смета дека единствениот начин за промена на ситуацијата е медиумски притисок, но не само во Словенија - бидејќи, како што вели Словенците целосно не ја сфаќаат промената бидејќи минатиот систем релативно добро функционираше за странските студенти и не беше потребно јавноста да се информира што е, на пример, изјава од старател - туку и притисок од матичните држави.

Деканот Кухар вели дека културната размена збогатува.

-Кога и да имам странски студенти како предавачи, тоа е позитивен придонес за сите. Само културната размена нè збогатува. Според моето искуство, студентите кои доаѓаат од поранешните југословенски студенти се прекрасни студенти. Не е така лесно да се остави својот дом и да се оди на студии во странство. Затоа оние кои ќе се решат за тоа се сериозни студенти кои тука го проучуваат и збогатуваат целиот академски простор - вели Кухар.

Автор: Вања Шуњиќ
Извор: Buka
Фотографии: Unsplash

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование