X
 21.04.2023 Образование

Интервју со Игор Трајановски, докторанд и истражувач во Словенија: „Индивидуалната одлука на поединецот е условена од општествената состојба во Македонија“

Вие сте докторанд на Факултетот за општествени апликативни студии во Нова Горица, Словенија. Што значи да се студираат докторски студии во европска земја?

- Иако со Република Словенија во еден период сме биле дел од заедничка држава, што би имплицирало многу сличности, сепак, очигледни се и големи разлики. Сега Словенија е дел од една друга унија на држави, Европската Унија, каде што ние се стремиме да бидеме член. Ова придонесува, како што напоменувате во прашањето, дека се работи за европски модел на образование. Може да кажам дека соработката со професорите е на високо ниво, особено во делот на достапност и подготвеност за корисни совети. Дополнително, несебична и навремена е помошта која се добива од стручните служби на факултетот во однос на одредени технички прашања. Во крајна линија, на студентите им преостанува единствено да им се посветат на студиите.

Македонската јавност Ве знае и како промотор на две високообразовни студии во Македонија. Што најмногу сакаат, односно не сакаат идните студенти во земјава? Што најмногу ги интересира за Словенија?


- Точно е дека работам на промоција на Факултетот за информатички студии од Ново Место (https://www.fis.unm.si/) и на Факултетот за применети општествени студии од Нова Горица (https://www.fuds.si/sl/). Со задоволство констатирам дека многу од потенцијалните студенти од Македонија се сериозно заинтересирани, а голем број од нив и веќе запишани на нашите факултети. Се разбира дека нивниот интерес, пред сѐ, е насочен кон студиските програми кои ги нудиме. Потоа, студентите пријатно се изненадени од фактот дека имаат можност да студираат бесплатно во Словенија на студии од прв и втор циклус (додипломски и магистерски студии). Интересот продолжува со барање дополнителни информации за животниот стандард на странските студенти, при што олеснителна околност е можноста за користење попуст при исхрана, кој во одредени ресторани е и до 70%. Ако мора да се наведе и некоја причина која не им оди во прилог на одредени студенти, тоа е фактот дека во Словенија ноќниот живот е многу различен од тој во Македонија и е сведен на минимум во ограничен број локали. Сепак, ова е сериозен позитивен аргумент за родителите при избор на странска држава за студии на нивните деца.



Во последно време се води дебата како нашите студенти од светот, по завршување на студиите, да ги вратиме во Македонија. Постои ли рецепт или станува збор за индивидуална одлука на секој интелектуалец?

- Се разбира, тоа претставува исклучиво индивидуална одлука на веќе дипломираните студенти. Но, во голема мера тоа зависи и од понудата што би можеле да ја добијат за понатамошно стручно усовршување или работа во родната земја. Во овој случај, индивидуалната одлука на поединецот е „условена“ од општествената состојба во Македонија. Пред сѐ, не мислам на висината на финансиите кои би можеле да ги добијат за извршената работа, иако тоа не е занемарлив критериум. Во разговор со студентите од Македонија на студии во Словенија добив впечаток дека нивните сериозни проблеми при градење кариера во Македонија се најчесто во начинот на функционирање на општеството во неколку сегменти. Особено во немањето реална можност да го покажат стекнато знаење и вештини без „одредена помош“ и каде што успехот ќе биде резултат исклучиво врз основа на покажано знаење.

Моментално работите како истражувач на Факултетот за информатички студии во Ново Место. Што значи оваа позиција и дали Ви помага во подготовка на Вашите докторски студии?

- Неодамна од страна на Сенатот на Факултетот за информатички студии бев избран во звање асистент од областа на политичките науки. Mојот докторски труд обработува социолошка тема во директна корелација со политичките настани во Македонија на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Со оглед на тоа, се работи за заемно надополнување на двете области во извесна смисла. Иако моите докторски студии се на Факултетот за применети општествени студии, сепак, соработката со професорите на двата факултета е беспрекорна, без разлика дали се работи за работни обврски или за совети во врска со докторскиот труд.

Како поминува еден работен ден на докторанд-истражувач во европска земја? Што му нуди Словенија на еден академски граѓанин?


- Би сакал да истакнам дека, а тоа ви е познато, работното време во академската средина не е регулирано со прецизни термини. Едноставно предметот на работа „не дозволува“ да го следите часовникот и да го напуштите работното место како да работите во администрација. Постојат периоди на инспирација кога мора да го искористите моментот и мислите да ги претворите во пишана форма. Во меѓувреме, на располагање имате голем број дела кои може да ги користите во насока на истражување на темата со која сте окупирани или едноставно, да се консултирате со професорите. Заклучокот е дека работните денови не се одвиваат по утврден редослед, едноставно природата на работата ја дефинира разновидноста.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование