X
 20.07.2023 Живот

Силно невреме го зафати регионот - жртви во Словенија и Хрватска, големи штети во Србија

Најмалку три жртви и големи материјални штети е резултатот на невремето кое вчера зафати неколку земји во регионот.

Две лица загинаа, а осум се повредени во вчерашното силно невреме во главниот град на Хрватска, Загреб. Силното невреме околу 16 часот го зафати западниот дел на Хрватска. Центарот на бурата помина низ Загреб. Ураганскиот ветер носеше сè пред себе - дрвја, покриви, силен дожд ги поплави улиците, а сообраќајот е во целосен хаос.

Во силното 20-минутно невреме загинаа двајца мажи, а осум возрасни лица се повредени, кои со повреди на главата се пренесени во блиските болници. Поради невремето, итната помош примила над 700 повици, меѓу кои и неколку пријави за повредени лица, а само пожарникарите имале 50 интервенции.

Покрај Хрватска, вчера попладнето и Словенија беше зафатена од силно невреме, во кое едно лице загина, а во целата земја е забележана голема материјална штета.

Како што соопшти полицијата, едно лице загина на Блед поради паѓање на дрво, а друго е повредено. Две лица се повредени од удар на гром во камп кај Мозирје на северот на Словенија. Град со големина на тениско топче падна во близина на Метлика, а илјадници луѓе останаа без струја, иако извештаите од Електростопанство покажуваат дека прекините на струјата главно биле привремени.

Пожарникари од околу 300 противпожарни служби отстрануваат паднати дрвја, електрични и телекомуникациски столбови, покриваат отворени покриви, пумпаат вода од поплавените згради и патишта и учествуваат во евакуацијата на граѓаните од загрозените подрачја. Во Љубљана ветерот го откорнал металниот покрив на стадионот на Плечник, а во Целје од фудбалскиот стадион. Ова е второ силно невреме што ја погоди Словенија за помалку од 24 часа.

Невреме проследено со силен ветер и дожд со грмежи синоќа ја погоди и Србија. Делови од Војводина и Белград останаа без струја, а невремето предизвика штети на повеќе места. Аеродромот „Никола Тесла“ беше привремено затворен.

- Поради крајно неповолните временски услови во Белград, дојде до привремено затворање на белградскиот аеродром, поради што некои летови беа пренасочени на алтернативни аеродроми, доцнеа, па дури имаше откажување на некои летови кои беа планирани во текот на вечерта - соопштија од „Ер Србија“.

Поради големо невреме, на некои пруги во Србија дојде до проблем во снабдувањето со електрична енергија на контактната мрежа над пругите и имаше паднати дрвја на пругата, што предизвика тешкотии во функционирањето на железничкиот сообраќај на некои делници, соопштија од Железници на Србија.

Во Белград силен ветер собори дрвја, а без струја останаа одредени делови од градот - Баново брдо, Жарково и Звездара. Два крана паднаа во Нов Белград за време на невремето, но немаше човечки жртви. Направени се штети во повеќе делови од градот, а граѓаните кои беа на отворено бегаа од улиците поради силниот ветер и дождот. Итните служби во последните два часа имаа повеќе од 30 интервенции на територијата на Белград.

Невремето ги погоди и Лозница, Шабац, Шид, Сремска Митровица, Ириг, Смедерево, Бачка Паланка, Крагуевац, Кралево, Чачак. Поради невремето, беа евакуирани 15 лица низ Србија.

Извор: МИА
Насловна фотографија: Twitter

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот