X
 08.03.2024 Наука

План тежок 50 милијарди долари - научниците имаат луда идеја како да го спречат топењето на „глечерот на судниот ден“

Додека продолжуваат дебатите за најдобрите стратегии за справување со проблемот со топењето на глечерите, научниците смислија интересен план. 

Џон Мур, глациолог и научник за геоинженеринг на Универзитетот во Лапонија, предлага уникатно решение кое вклучува огромни подводни завеси кои се протегаат во должина од 100 километри. Овие завеси треба да спречат топлата морска вода да стигне до глечерот и да го стопи, а Мур замислил да ги закотви на морското дно за да спречи топли струи да течат до „глечерот на судниот ден“ (Твејтс).

Идејата е постепено да се зголемуваат прототипите додека доказите не покажат дека технологијата е доволно стабилна за да се инсталира на Антарктикот, објаснува Мур, нагласувајќи ја потребата за претпазливост и приспособливост при спроведувањето на таквите мерки.

Побезбедна алтернатива


Глечерот Твејтс моментално е одговорен за 4 отсто од глобалното покачување на нивото на морето, откако изгуби повеќе од 1.000 милијарди тони мраз од 2000 година. Потенцијалниот колапс на Твејт може да доведе до каскаден ефект, подигнувајќи го нивото на морето за 3 метри и изложувајќи на ризик 97 милиони луѓе низ светот.

Идејата на Мур за подводните завеси вклучува побезбедна алтернатива на цврст ѕид, со флексибилност за отстранување или редизајнирање доколку е потребно. Секоја интервенција треба да биде нешто на кое можете да се вратите ако се премислите.

Потрагата по одговори

Додека технологијата е сè уште во фаза на тестирање, Мур укажува на тековните напори на Универзитетот во Кембриџ, каде што научниците развиваат и тестираат прототипи во помал обем. Тој проценува дека првичните експерименти ќе чинат 10.000 долари, со предвидено барање од 10 милиони долари за понатамошен развој.

Поставувањето подводни завеси во Амундсенското Море би барало неверојатни 50 милијарди долари. И покрај значителната финансиска инвестиција, Мур го нагласува аспектот на социјалната правда, претставувајќи го како поправеден пристап во споредба со зголемените трошоци за глобалната одбрана на крајбрежјето од зголеменото ниво на морињата.

Се очекува трошоците да бидат околу 50 милијарди долари годишно по метар покачување на нивото на морето, истакнува Мур, нагласувајќи ги економските предизвици со кои се соочуваат многу крајбрежни градови при приспособувањето на порастот на нивото на морето.

Извор: Business Insider
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука