X
 30.12.2024 Здравје

Која година е „точка без враќање“ кај пушачите?

Јужнокорејски истражувачки тим, кој ги објави резултатите од својата студија во списанието „Јама нетворк опен“, открива дека понекогаш може да бидат потребни и до 25 години за да се намали ризикот од кардиоваскуларни болести откако ќе се откажете од пушењето.

Научниците предводени од Џун Хван Чо анализирале податоци од околу 5,4 милиони луѓе (сегашни пушачи, поранешни пушачи и непушачи) впишани во Корејското национално здравствено осигурување. Во речиси 15 години следење тие откриле дека сегашните пушачи поминале најлошо.

Пушењето и ризикот од кардиоваскуларни болести зависат од бројот на испушени цигари, без разлика дали пушењето е прекинато, заклучиле научниците во нивната студија. Кај сите поранешни пушачи, откажувањето од пушење било поврзано со значително намалување на ризикот. Но, ова се одредува со кумулативната изложеност на чад и годините по откажувањето од пушењето. Во споредба со сегашните пушачи, луѓето што малку пушеле имале помал ризик од кардиоваскуларни болести во првите пет до десет години по откажувањето од пушењето.

На поранешните пушачи, кои пушеле повеќе цигари, им биле потребни околу 23 години (дури и 25 години) за да се намали ризикот од болести во споредба со оние што никогаш не пушеле. Во споредба со сегашните пушачи, тешките поранешни пушачи имале помала веројатност да развијат кардиоваскуларни болести по околу 20 години.

Според истражувачите, еден аспект е клучен.

-Доколку дозата на чад кај луѓето што почнуваат да пушат не надминува одреден праг или т.н. точката од која нема враќање, може да се очекуваат рани здравствени подобрувања доколку се откажат од пушењето - се вели во студијата.

Историјата на пушење во времетраење од осум години е означена како точка од која нема враќање.

- Затоа, откажувањето од пушењето пред навршени осум години пушење може да има значителни придобивки за јавното здравје - заклучил Џун Хван Чоу.

Извор: 6yka.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје