Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче вели дека порастот на новозаболените случаи од Ковид-19 се должи на непочитувањето на мерките. Владата ги усвои заклучоците на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство според кои не е дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели). Исто така, се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели.
Во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица. Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната.
Не ни требаат крпеници од протоколи, доброволно ќе ги затвориме објектите на две недели, реагираат од Независната угостителска комора - НУК по вчерашното донесување на најновите владини мерки. НУК смета дека новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија на дружење и забава како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита од коронавирусот.
- Ние бевме свесни дека доаѓа период - есенски месеци кога ќе имаме пациенти кои можно е да го преоптоварат здравствениот систем. Уште тогаш предвидовме дека е потребна рестрикција, рестриктивни мерки и го најавивме на почетокот на септември. Ова е план кој има и дополнителни мерки кои сметаме дека засега не треба да се воведуваат, но ја следиме ситуацијата. Имаме предвид дека доаѓаат и постудени денови, кога граѓаните треба да се штитат и од настинка, и од грип, кога воздухот ќе биде загаден. Сето тоа се работи кои може да го оптоварат здравствениот систем. Мора граѓаните да се свесни дека штитејќи го сопственото здравје, им помагаат на здравствените работници и здравствениот систем - истакна Филипче.
Во однос на работата за угостителските објекти, Филипче информира дека во периодот кога се попуштаа рестриктивните мерки имаше соработка со сите чинители во многу економски оператори, компании кои тогаш не работеа и постепено се враќаа во функција. Препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со Ковид-19. Трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување на настани и забави.
- Мерките беа димензионирани така што секогаш разговаравме со чинителите, затоа што секоја струка има понекоја специфика. И тие епидемиолошки принципи на медицинската наука секако дека важат за сите, меѓутоа, имајќи ги предвид спецификите, сакавме и нив да ги слушнеме, што е тоа што и тие сметаат дека ќе се соочуваат со проблеми за време на функционирањето. И така беше и со музичарите, јавните настани, организаторите на настани. Донесовме протоколи за работа на затворено, на отворен простор итн. Со што се соочивме, многу конкретно - во изминатиот период значајно зголемување на бројот на заразени во возрасната група на третата и четвртата декада. И од увидот во епидемиолошките прашалници во огромен процент, од настани во кои мерките за жал не се почитувале. И тоа е нешто што сега се случува во регионот, цела Европа. Сведоци сме на голем број случаи во Франција, Австрија, Шпанија, Велика Британија - насекаде се истите трендови - посочи Филипче.
Тој изјави дека состојбата со капацитетите во болниците е стабилна и има доволен број на слободни болнички кревети.
- Имаше период пред две до три недели кога инфективните одделенија во државата беа навистина исполнети. И во Гостивар, Охрид, Битола, Штип, Куманово, Струмица. Немаше ниту едно слободно место. И пациентите се носеа во Скопје. И во тој период исто како и сега, инфективните одделенија во болницата „8 Септември“ и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби не беа преполнети. Исто и сега, се намали притисокот во инфективните одделенија во државата. Тој притисок што се јави пред две недели на некој начин спласна. Добар е капацитетот, имаме слободни болнички кревети - рече министерот Филипче.
Инаку, денови по ред бројот на регистрирани новозаболени во тек на 24 часа се движи околу 200.