X
 08.04.2024 Живот

Како да се справите со лица што имаат комплекс на поголема вредност

Лицата со комплекс на повисока вредност играат специфична манипулативна игра чија цел е кај околината да предизвика комплекс на помала вредност и чувство на целосна безвредност.

Комплексот на повисока вредност е слоевита психолошка појава која, според симптомите, понекогаш може да се измеша со сосема спротивното - комплексот на пониска вредност. Имено, во основата на двата комплекса е недостигот на самодоверба, лична неисполнетост и незадоволство, со различни тригери.

Се воздигнуваат себеси, а ги понижуваат другите

Ако се завртиме околу нас, нема шанси да не лоцираме некој со овој комплекс. Понекогаш ваквите типови личности лесно се препознаваат, но понекогаш се однесуваат сосема неочекувано во однос на образованието, статусот, позицијата во општеството или фамилијата, бидејќи гледано отстрана немаат некоја очигледна потреба да се издигнуваат.

Значи, на врвот на пирамидата е слика од личност која е сезнајна, семоќна, па дури и совршена, бескомпромисна во знаењето и умеењето во што и да се вмеша.

Иако во коренот на ваквото однесување е недостигот на самодоверба, тоа е и првата особина која ќе ни падне в очи - овие луѓе создаваат впечаток на „повисока раса“, надлуѓе со огромна самодоверба. Тие велат дека е исправно само она што тие го тврдат и дека нашите идеи, особено ако се разликуваат од нивните, се безвредни, бескорисни и непотребни. Со таквото однесување практично сакаат кај луѓето околу себе да предизвикаат комплекс на пониска вредност.

Какво е однесувањето на лицата со комплекс на повисока вредност

Изразената самодоверба е особено забележлива, што не би било проблем ако ваквите лица се држат само до својот терен на стручност или обученост. Од друга страна, голем дел од лицата со овој комплекс немаат соодветни способности и квалификации, но се трудат да прикажат поинаква ситуација. Другите однесувања на ваквите луѓе се:

-потреба да бидат во центарот на вниманието;
-истакнување на нивните лични достигнувања, вредности, статус, функција, титула;
-ја потенцираат својата доминантност;
-препотентни се;
-арогантни се;
-ги навредуваат и понижуваат другите лица поради различни ставови;
-цинични се;
-не прифаќаат критика на своја сметка, но се подготвени да ги критикуваат другите секогаш и за сѐ;
-префрлаат одговорност на други лица или околности;
-инсистираат на форма наместо на суштина.

Симптомите може да бидат изразени поединечно или комбинирано и не мора секое лице да ги има баш сите.

Ароганција, препотентност и фалење

Психолозите објаснуваат дека некои особини, како препотентноста, едноставно ги имаат многу различни луѓе, без оглед на образованието или општествениот статус, а дека коренот на ваквото однесување најчесто е длабоката несигурност, а можеби и некои трауми од детството или од раната младост. Едно од најважните нешта е вредносниот систем кој се добива во семејството, од родителите, а со кој се проценуваат и сопствените и туѓите достигнувања.

Едноставно, ако механизмот на процена на успехот или вредноста ни е наметнат, тоа нѐ лишува од можноста рационално да ги проценуваме дометите и достигнувањата, без разлика дали се однесуваат на нас или на околината. Пластично опишано: некој може да биде извонреден лекар или адвокат, но нема да признае дека тоа може да биде и некој друг (другите во нивната перцепција главно се просечни). Или никогаш нема да признае дека и врвен готвач или механичар исто така е успешно лице, вредно за пофалба и статус.

За овие лица е симптоматично и тоа што никогаш нема да признаат дека не знаат нешто.

Како да се одбраниме од ваквите лица?

Луѓето со комплекс на повисока вредност често имаат незгоден карактер, склони се кон кавги, а „експерти“ во напаѓање, па често кажуваат цинични и потценувачки коментари. Поради тоа, со нив треба да се биде мудар, да не се игра нивната игра и да не се паѓа в оган. Колку и да се трудат да нѐ претстават како безначајни по нивните мерки или недораснати за да се справиме со нив, како и да нѐ постават во инфериорна позиција, она за што нема да имаат решение се аргументите.

Ако некое вакво лице ви е надредено, погрижете се својата работа да ја работите совесно, навремено и со пишани докази. Ако ви поставува нереални барања, ако можете, пријавете кај повисоки надредени. Веројатно ќе ги анулира сите ваши успеси и достигнувања. Ретко кога ќе ве пофали (тоа го чува само за оние од кои може да има некој интерес). Не лутете се и не потресувајте се за тоа бидејќи вие добро знаете кои сте. Секогаш имајте на ум дека станува збор за лица кои не се среќни и кои со таквото однесување всушност ја прикриваат сопствената неспособност и неподготвеност да се соочат со мрачните лавиринти на сопственото незадоволство.

Поставување граници

Ваквите лица многу ретко го прифаќаат фактот дека психолошката помош е нешто што би можело да ги врати во рамнотежа, да го поправи она што може да се поправи, а со самото тоа и однесувањето кон другите луѓе. Во односот со нив, пред сѐ, важно е прецизно да им се постават граници.

Меѓутоа, поради тоа што со поставувањето граници најверојатно ќе ги потсетиме на нивните лични недостатоци, ситуациите може да бидат непредвидливи. Може да нѐ гледаат како закана за нивниот интегритет, дури и да нѐ навредуваат и да бидат агресивни.

Но, никој не заслужува да трпи понижување од кого било. Клучот е во почитувањето на самите себе, знаењето на сопствените вредности и неприфаќањето на нивната манипулативна игра. Кога ќе им дадете одговор кој не го очекуваат и кога нема да ја постигнат реакцијата што ја очекуваат, нивниот концепт на „напад“ кон вас ќе се промени.

Извор: eklinika
Фото: Pixabay
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот