Сетете се на некој што сте го запознале во изминатите шест месеци. Дали го запознавте преку работа или на училиште, или на друго место? Го имате ли неговиот број? Колку често разговарате со него? Ова не е испрашување, туку обид за утврдување дали сте стекнале пријател.
Професорот по комуникации Џефри Хал сакал одговор на прашањето колку време е потребно за да се стекне пријател. Тој разгледал две различни групи луѓе. Првата била составена од 355 возрасни лица што требало да пополнат интернет-прашалник. За да се квалификуваат, тие морало да го имаат променето градот на живеење во последните шест месеци и морало активно да бараат нови пријателства во новите градови. Хал собирал податоци за тоа како напредувало пријателството, поставувајќи прашања како: дали се сретнавте на работа, колку време неделно минувате заедно и дали обично правите забавни активности заедно.
Втората група учесници исто така се привикнувале на нови околности. Оваа помлада група се состоела од 112 бруцоши кои само што се преселиле во друг град. Од нив било побарано да кажат две лица што ги сретнале во изминатите две недели. Седум недели подоцна Хал истражил дали станале најдобри пријатели. Сѐ на сѐ, податоците од овие две групи покажале прилично јасна слика за тоа како се развива некое пријателство.
Фото: Pexels
Според Хал, потребни се од 40 до 60 часа за да се стекне обичен пријател, од 80 до 100 часа за да се стекне пријател-пријател и 200 или повеќе часови за да се стекне близок пријател. Но, тоа не може да бидат обични часови - слободното време многу поефикасно создава пријателства отколку работата.
Како што врските на волонтерите транзитирале од познанство до обичен пријател, па потоа до близок пријател, луѓето минувале сѐ повеќе време заедно создавајќи ефект на топка од снег кој градел поблиски пријателства. Ефектот бил најсилен кај младите учесници, за кои Хал забележал дека сакале да минуваат до третина од нивното време додека се будни со новите пријатели.
Кога стекнуваме пријателства, не го правиме тоа затоа што чувствуваме физичка потреба - не како кога јадеме бидејќи чувствуваме физичка потреба за тоа. Но, не може да се негира дека луѓето се социјални животни со биолошки поттик за создавање врски. А некои студии успеале и да измерат што точно прави за нас пријателството.
Можно е шемата во која помладата група посветува повеќе часови на создавање пријателства да има биолошка основа. Според едно истражување од 2015 година, кое Хал го искористил за да го води своето истражување, пријателите имаат позитивен ефект врз нашиот животен век, но за каков вид пријатели станува збор, зависи од вашата возраст. За помладите е поважно да имаат многу пријатели, но квалитетот на тие врски нема значителен ефект или животен век. По околу една деценија пропорционалноста се менува за луѓето во 30-тите години, кога се гледа квалитетот, а не квантитетот на
пријателствата.