Луѓето се ограничени суштества. Имаме несовршени очи и меморија. Ние сме суштества со навики и редовно посетуваме само 25 места. И покрај четирицифрениот број на пријатели што го има кај некои од нас, ние имаме капацитет да одржуваме само 150 пријателства одеднаш.
Робин Данбар, антрополог и психолог на Универзитетот „Оксфорд“, долго време тврди дека луѓето можат да имаат само 150 пријатели. Под пријатели тој подразбира луѓе што би ги повикале на голема забава, не луѓе што би ги запознале со мајка им. Во овој момент 150 е број познат како „бројот на Данбар“.
Како што објаснува тој, еден обичен човек има 150 пријатели во секој момент, но тие пријатели се поделени според различни нивоа на интимност. Така, околу 50 се средно-блиски пријатели, на 15 пријатели можете да се потпрете за емоционална поддршка и петмина се крајно интимни пријатели - или четири, ако сте во врска.
Но, чекајте. Многу луѓе имаат повеќе од 150 пријатели на „Фејсбук“. Данбар вели дека на тие „пријателства“ им фали суштина. Може да им ставате понекој лајк на фотографиите што ги објавуваат, но не сте во контакт со нив на некој значаен начин. Тие се „пријатели“ само затоа што така се нарекуваат поврзувањата на социјалната мрежа.
Благодарение на интернетот, сега можеме да се запознаеме со кого сакаме, без разлика на местото на живеење. Со други зборови, модерниот живот радикално го прошири нашиот круг на потенцијални пријатели. Па зошто бројот на нашите пријатели останува ист?
Според Данбар, иако теоретски можете да се спријателите со секого, немате доволно ресурси за да одржувате пријателства со повеќе од 150 лица одеднаш. Пријателствата се потпираат на два ресурса: вашиот ментален капацитет и вашето време.
Пријателствата ги процесираме во одреден дел од мозокот. Таму се зачувуваат сите информации што ја зголемуваат интимноста со пријателите. Не можете да помните безброј информации за безброј пријатели. Исто така, денот има само 24 часа, а за пријателствата е потребно и време. Кога со некој пријател ќе поминете повеќе време, обично се зближувате и обратно. Бидејќи поминатото време е клучно за близината, вашиот капацитет за близина со другите е ограничен.
Тоа можеби звучи тажно и рестриктивно, но не мора да биде. Тоа е само преформулирање на нешто што веќе го знаеме: животот е краток и не можете да направите сè за да се спријателите со секого. Наместо тоа, мора паметно да ги користите времето и
менталната енергија што ги имате.