X
 08.06.2024 Технологија

Технологијата ја менува и индустријата за убавина - се печати вештачка кожа, се користи нанотехнологија и вештачка интелигенција

Технолошките иновации ни го прават животот подобар, особено кога се комбинираат со производи кои се грижат за тоа да останеме млади и убави. Пред неколку години технологијата го најде патот до козметичките маси и салони за убавина благодарение на цела една серија „паметни четки за заби“, разни уреди за здравје и убавина на кожата, а сега во сето тоа се воведува и вештачката интелигенција.

На најголемата европска технолошка конференција „Вива технолоџи“ во Париз била претставена цела серија на технолошки иновации, кои ја прават убавината персонализирана, инклузивна и одговорна. Иновациите вклучуваат напредна дијагностика за кожа и коса, персонализирани асистенти за убавина, лабораторија „Ген АИ“, револуционерен инфрацрвен фен за коса и технолошка платформа која реално ја симулира кожата и се користи за истражување и тестирање на производи.

- Ние веруваме дека технологијата може да ги помести границите на она што е можно кога станува збор за убавината, со цел да се подобри квалитетот на животот на луѓето. Ја претставивме „Скин технолоџи“ од „Лореал“: тоа е нова технологија за печатење 3Д-кожа која имитира вистинска човечка кожа и отвора можности за истражувачите во козметичкиот и здравствениот сектор - истакнале од компанијата.

Како што објасниле, стандардите за тестирање производи стануваат повисоки, а тестирањето на животни станува сѐ помалку пожелно. Затоа, козметичките компании се свртиле кон технологијата, за да го најдат најдобриот начин за тестирање на идните козметички производи. „Лореал скин технолоџи“ е 3Д-печатач кој при печатење на примероци имитира различни состојби на вистинската човечка кожа, како што се егзема и акни, како и способност за затемнување на кожата и заздравување на раните. „Лореал“ моментално соработува со стартап-компании и реномирани институти во светот за понатамошно развивање на технологија која ќе ѝ овозможи на оваа кожа да ја имитира чувствителноста на вистинската човечка кожа.

„Киелс дерма-ридер“ ја проценува кожата на корисникот користејќи технологија за клиничко снимање, мерејќи повеќе од 11 карактеристики на кожата на површината и под неа, и препорачува соодветни состојки и совети за секојдневна рутина за нега.

„Ланкоме ренерџи нани-ресурфејсер/ 400 бустер“ - е уред кој е развиен со цел да ја подобри пенетрацијата на козметиката во рожнатиот слој на кожата. Уредот се напојува со патентирана нанотехнологија со повеќе од 400 ултрапрецизни наноигли, кои ги подобруваат перформансите на производот.

„Лореал Парис бјути џиниус“ е сеопфатен личен асистент за убавина, напојуван со вештачка интелигенција, кој на своите корисници им нуди персонализирана дијагностика и препораки, овозможувајќи им брзо и лесно да научат за убавината.

„Лореал професионел ерлајт про“ комбинира инфрацрвена светлина со голема брзина на воздухот, за ефикасно сушење на водата на површината на косата, што помага да се подобри квалитетот на косата и резултира со помазна и посјајна коса.

Читачот за коса „Лореал професионел мај хер“ користи ултрапрецизна оптика за да ги анализира бојата и здравјето на косата, процентот на седа коса, дијаметарот и густината на влакната на косата. На потрошувачите им ја нуди и бојата за коса која им одговара на типот на коса.

Колку од овие уреди ќе го најдат својот пат до крајните потрошувачи, тешко е да се каже. Но, тие јасно покажуваат дека дури и обичното сушење коса денес не може без висока технологија.

Извор: zimo.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија