Хуанг Сенгвон е директор на фирма која соработува со технолошката компанија „СК Телеком“, која нуди телекомуникациски услуги. Меѓу другото, компанијата прави уреди за надгледување на постари лица што живеат сами во Јужна Кореја.
Со „паметни звучници“ во домовите на старите лица, фирмата ги следи сите знаци за можна опасност со анализа на нивните разговори. Почестото користење на одредени зборови може да бидат знак за осаменост и несигурност, што е доволна причина за фирмата да испрати здравствени работници во посета на лицето.
Околу 3.200 луѓе низ земјата, од кои повеќето се постари од 70 години и живеат сами, од април минатата година ѝ овозможиле на компанијата на Сенгвон да ги слуша 24 часа дневно преку паметните звучници. Компанијата очекува бројот на корисници двојно да порасне до крајот на годината.
Технологијата успева да го намали човечкиот контакт, притоа нудејќи алатка за грижа на постарите лица што живеат сами. Звучниците имаат вештачка интелигенција која може да процесира барања за вести, музика или пребарувања на интернет. Уредот може и да им поставува прашања на корисниците за да ја провери нивната когнитивна состојба.
Владата на Јужна Кореја прави напори да им помогне на бизнисите да имаат пристап до повеќе лични информации на граѓаните за нивна употреба во областа на медицината. Технолошките фирми во земјата може да најдат различни примени за нивните софтвери со вештачка интелигенција. Овие промени досега ѝ помогнаа на земјата да се бори со
коронавирусот, иако многу критичари сметаат дека во процесот се жртвувала приватноста на граѓаните.
Фото: YouTube
Во Јужна Кореја здравствените власти користат податоци од кредитни картички, кадри од камери за набљудување и податоци од мобилните телефони за да ги изолираат потенцијалните заразени лица со коронавирусот. Местата на кои се движеле пациентите се достапни на веб-страници и се објавуваат преку известувања на мобилните телефони.
Околу 30.000 луѓе што се во домашен карантин имаат апликации за следење на телефоните. Во некои градови низ земјата салите за концерти и слични локации ги регистрираат сите посетители со кодови на телефоните за да може полесно да бидат лоцирани доколку е потребно, а ова ќе се практикува низ целата земја од 10 јуни.
Овие мерки имаат и лоша страна бидејќи некои луѓе успеваат да ги пронајдат граѓаните користејќи ги податоците што се објавени на интернет. Властите почнале да прават „анонимно тестирање“ на жителите, со што граѓаните го оставаат само телефонскиот број кога се тестираат, но не и името. Населението е поделено кога станува збор за жртвувањето на приватноста заради здравјето.
Автор: Ким Тонг-Хјунг
Извор:
apnews.com