X
 08.08.2019 Култура

Фатих Акин - гостин на „Браќа Манаки“, Љупчо Константинов – добитник на „Златна ѕвезда“

Врвниот германски режисер со турско потекло Фатих Акин и неговиот соработник, кинематограферот Рајнер Клаусман, ќе бидат специјални гости на 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола. Ова денеска беше соопштено на прес-конференцијата што се одржа во Битола. Фатих Акин е големо име на филмскиот свет. Тој е режисер, сценарист и продуцент кој има освоено 50-ина награди на светски филмски фестивали.

Добитник е на „Златна мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал за филмот „Со глава в ѕид“ („Head on“) (2004). Тој филм ја доби наградата и за најдобар филм според публиката на Европските филмски награди. Акин освои „Сребрена палма“ за најдобро сценарио на Канскиот филмски фестивал за филмот „На работ на рајот“ (The Edge of Heaven) (2007), како и наградата „Златен глобус“ за најдобар филм на странски јазик за филмот „Од ништо“ (In The Fade) (2017). За истиот филм актерката Дијане Кругер ја освои наградата за најдобра актерка во Кан.



Друштвото на филмски работници денеска го соопшти и името на добитникот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Станува збор за композиторот Љупчо Константинов.

Големиот број награди и високи признанија го потврдуваат неговиот огромен придонес во сферата на сценската музика: „Златна арена“ на Филмскиот фестивал во Пула за музиката во филмот „Среќна нова '49“; три „Златни ловорови венци“ на МЕС, Сараево, за театарските претстави - „Електра“, „Шехерезада“ и „Фауст“; награда на критиката на Вториот интернационален фестивал во Мексико Сити за најдобра музика за претставата „Шехерезада“; на театарските игри „Војдан Чернодрински“, награда за музиката во театарската претстава „Старите фотографии“...

- Љупчо Константинов, нашиот музички волшебник, е човек кој не милува да се експонира. Да се додворува, да се „чалами“ со она што го постигнал, да биде постојано присутен во јавноста преку медиумите. Тој е човек кој, народски кажано, си ја работи својата работа. И сè што има да каже, го запишува на лист со петолиние. Овие редови се малку да опфатат сѐ за животот и делото на Љупчо Константинов. Како и наградите, исто така. А, и оваа награда, „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, е само уште едно благодарам за она што тој нам ни го остава во наследство - музиката! Таа нема временска и просторна ограниченост, тоа е музика - и само таа, и единствено таа, нè одржува во живот. Ви благодариме маестро Константинов што постоите – велат од фестивалот.
Денеска беше објавена и програмата на јубилејниот 40. фестивал. Благоја Куновски – Доре, уметнички директор и селектор на главната програма, откри четири наслови од годинешната конкуренција за главните награди. Тоа се кинескиот „Езерото на дивите гуски“/”The Wild Goosy lake”, бразилскиот „Невидливиот живот на Еуридисе Гузмао“/(”The invisible life of Euridce Gusmao“), израелскиот „Синоними“ на режисерот Надав Лапид – победникот на Берлин, од фестивалот во Карлови Вари, Куновски го избрал германскиот „Лара“ на режисерот Јан-Оле Герстер.



Селекторот на програмата „Европски филмски перспективи“, Слаѓан Пенев, рече дека во програмата се вклучени 17 филма. Повеќе од половината од овие филмови се продуцирани во земјите од Југоисточна Европа, или поширокиот балкански регион.
Ана Василевска, селекторка на изборот на македонските филмови, соопшти дека од годинава на фестивалот „Браќа Манаки“ се воведува награда од публиката за најдобриот македонски филм, а програмата „Макпоинт“ ќе понуди 14 најнови краткометражни, документарни и анимирани филмови.

- Жанровската и тематската разновидност, која осцилира од ултра урбани и модерни приказни до тие што се фаќаат за традиционални или интригантни теми од актуелниот општествен миг, ќе ни дадат јасен увид каде се насочени и авторите и ќе нè прошетаат низ нивниот сензибилен приод - рече Василевска.
Таа додаде дека последниот филм на неодамна починатиот Стефан Сидовски – Сидо, „Последното кафе“ премиерно ќе биде прикажан во рамките на оваа фестивалска програма.
Селекторот на Студентската програма, Ѓорѓи Пулевски, информираше дека годинава програмата ќе трае подолго од вообичаеното, од 15 до 20 септември и ќе се одржува во малата сала на Центарот за култура во Битола.
Тој додаде дека во рамките на Студентската програма ќе се одржат три работилници: за филмската музика со Александар Трајковски, втората со филмски работници од Финска и највозбудливата за студентите – со еден од добитниците на „Златна камера 300“.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, која е селектор на Документарната програма, претставувајќи го нејзиниот избор од 10 филма, рече дека светот е претворен во боиште на илузии и лажни вести, во парада на суети и разнишани вредности, прекршени ветувања и долги очекувања на невозможното.
- Во документарната програма на ова по многу нешта за мене посебно издание селектирав документарни филмови кои се мала слика за светот. Нивната исклучителност очекувам да ја проверите, бидејќи еден од нив ќе ја понесе наградата на градот во кој со својата „Камера 300“ дејствувале двајцата браќа Јанаки и Милтон Манаки“ - рече Теодосиевска.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура