X
 16.08.2022

Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“ збогатен со кинематограферот Ентони Дод Ментл

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ го наградува со Златна камера 300 за животен опус истакнатиот британско-дански кинематографер Ентони Дод Ментл.

Од ИФФК „Браќа Манаки“ посочуваат дека со изборот да му ја доделат оваа престижна награда на Дод Ментл, фестивалот доследно продолжува да гради традиција – на претходни лауреати на Специјалната златна камера 300 кои ја освоиле во својата помлада животна етапа подоцна им ја доделува и Златна камера 300 за животен опус, со што се заокружува нивната творечка целина.

Дод Ментл, во 2009 година, на триесеттиот јубилеен фестивал „Браќа Манаки“, стана добитник на Специјалната златна камера 300, а годинава се закитува со позначајната награда за животен опус, со која влегува заслужено во Клубот на великаните на фестивалот „Браќа Манаки“.

Богата е кинематограферската кариера на Ентони Дод Ментл, еден од творците на оригинален дански филмски израз/тренд, соработува со многубројни режисери, а триумфот во кариерата на Дод Ментл се случи во 2009 година, кога го освои едниот од осумте „Оскари“ за филмот „Сиромашниот милионер“ (Slumdog millionaire), во режија на Дени Бојл, филм со кој истата година беше отворен јубилејниот 30. по ред фестивал „Брака Манаки“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk